„После десет, повторувам, десет препораки на Европската комисија дека сме подготвени да почнеме преговори за членство, со решение на нерешливото прашање поради кое изгубивме цела генерација, постигнувајќи европски компромис, ЕУ треба конечно да донесе позитивна одлука“, порача министерот за надворешни работи Никола Димитров на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, говорејќи на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност”.
Освен на значењето што Европската унија го има за регионот, како и нужната потреба од побрза европска интеграција, Димитров укажа и на важноста на тоа конкретно да се вреднуваат, како што рече, очигледните резултати и постигнувања, и тоа веќе во наредните месеци.
Тој истакна дека оваа прилика не смее да се пропушти и дека конечно, покрај зборови, нужни се и дела.