„За да се обвини некој за предавство, прво треба да се направи предавството“

За да се обвини некој за национално предавство, предуслов е прво да биде направено предавството, вели политикологот Петар Арсовски за „Слободен печат“, коментирајќи ги протестите на ВМРО-ДПМНЕ со кои опозицијата бара Владата, особено премиерот Зоран Заев, да објави што точно се преговара со Софија.

Според Арсовски, протестите се обид на ВМРО-ДПМНЕ било каков договор и да постигне Заев со Бугарија – да биде прогласен за предавство. Опозициската партија, вели тој, гледа раздвижување во процесот и затоа тоа им е единствена политичка тактика, а Мицкоски, притоа, сака да ги зацврсти позициите пред гласачкото тело кое, според Арсовски, „е понационалистички определно“, но и да ја држи ВМРО-ДПМНЕ „во висока туража“, затоа што ако партијата не се занимава со Бугарија и Заев, ѝ останува само да се занимава со својот лидер Мицкоски и како тој ја раководи.

„Не знам дали му е паметна оваа политика во овој момент и дали повторно не прави погрешна проценка како што беше во случајот со Преспанскиот договор. Насоката и политиките на Македонија се кон евроинтеграциите, а ако продожи со ваков деструктивен начин може да ги загуби позициите кај европските соработници, да го намали коалицискиот капацитет на партијата, итн.“, оценува Арсовски.

Мицкоски, пак, денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ има и право и причина да биде вознемирена, бидејќи, како што истакна и вчера, од сериозни дипломатски извори од Брисел и Софија до нив стигнуваат информации кои, вели, „навистина се алармантни за македонскиот народ, македонската нација, би рекол и македонската држава“, а според кои договорот што го планираат Заев и Бучковски и документот кој би го одобриле да биде дел од преговарачката рамка, не се ништо помалку од асимилација и бугаризација на македонскиот народ. Ваков договор може да се спречи само со силни критики во јавноста и народ на улиците, порача вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска уште еднаш потенцираше дека нивното единствено барање е Заев да го објави нацрт-документот за кој се преговара со Софија.

Од СДСМ и денеска обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ знае само за блокади.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

„Додека Владата и институциите прават сериозни дипломатски напори за да го откочат процесот на евроинтеграциите, за да се надминат неразумните блокади, ВМРО-ДПМНЕ се поставува спротивно на државните и националните интереси, спротивно од стратешките интереси.

Мицкоски со лаги и измислици се обидува да ги руши македонските позиции и тоа во крајно чувствителен момент. Ова е тотално немање сенс за националните интереси. Ова е саботирање на напорите да добиеме меѓувладина конференција, во исклучително чувствителен период на меѓународни напори за премостување на блокадата во ЕУ“, порача денеска портпаролот и пратеник на СДСМ – Костадин Костадинов.

Од СДСМ и натаму не отстапуваат и дополнително ги потврдуваат секојдневните деманти – дека за идентитетот не се преговарало и не се преговара.

„Срамно е што ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ не дава поддршка, не праќа ниту една порака за успех на процесот. Во моментите кога правиме силни напори да добиеме поддршка за почеток на преговорите, најмалку што ѝ е потребно на државата се внатрешни минирања“, изјави денеска пратеничката Драгица Ѓавочанова во „Утрински брифинг“.

За премиерот Заев, протестите/блокадите на ВМРО-ДПМНЕ се неразбирливи. Тој е категоричен дека она што се преговара со официјална Софија е само патоказот, а сè друго се разговара под раководство на португалското претседателство.

„Португалскиот предлог е доставен кај нас, кај бугарската страна и кај Мицкоски и тој апсолутно добро знае дека предлогот е одличен и појдовна основа за постигање на решението. Сега да продуцирате протести со по 15 возила и 20 луѓе, или 13 возила и 14 луѓе, само да се блокира сообраќајот низ градовите, е порака која никако не можам да ја разберам“, изјави Заев.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ веројатно ја води стравот дека ќе биде направен исчекор кон ЕУ и конечно ќе се одржи првата меѓувладина конференција. Истакнувајќи дека очекува поддршка, премиерот рече дека блокадите на важните процеси, и со тоа на македонската иднина, се типични за ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, оцени дека ниту едно од сценаријата што ги кажал Мицкоски, не е прифатливо за граѓаните.

- Реклама -