Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор (АДСДП) поднело иницијатива до Владата за преименување на стадионот „Национална Арена Филип II Македонски“, а новото име најверојатно ќе биде „Национална Арена Тоше Проески“, неофицијално потврдиле од Владата за „Плусинфо“.
Од АДСДП појаснуваат дека тие само поднеле иницијатива за преименување, а конкретното име ќе го одлучува Владата.
„АДСДП до Владата на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за потребата од донесување одлука за преименување на Националната Арена Филип II. Оваа иницијатива е во согласност со насоките на Владата да се изврши преглед и ревидирање на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку истиот се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција да се направат соодветни корективни мерки и активности“, велат од АДСДП за Плусинфо.
Како што сугерира порталот од свои извори, можно е преименувањето да биде завршено до утре (денеска се одржува редовната 128 седница на Владата), т.е. непосредно пред официјалната „историска“ посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје.
Во интервју за грчкиот „Ефимерида Тон Синдактон“, владиниот портпарол Миле Бошњаковски неодамна потврди дека Владата побарала од сите национални спортски федерации да ги променат имињата во согласност со Преспанскиот договор. Прашањето му било поставено откако во Грција имаше бурни реакции поради тоа што македонската репрезентација квалификацискиот натпревар за ЕП 2020 против Летонија го играше на арената „Филип Втори“ и под името „Македонија“.