За 24 часа казнети 461 лица за неносење маска, МВР ги засилува контролите за носење заштитна опрема и негрупирање

Во текот на изминатото деноноќие (27/28.05) на територијата на Република Северна Македонија на 70 лица им се издадени решенија за изолација, а 62 лица потпишале изјави за самоизолација, соопшти Министерството за внатрешни работи. Од МВР додаваат дека при извршени контроли кај лица во изолација и самоизолација, од страна на полициски службеници, евидентирани се две лица кои не ја почитувале мерката за самоизолација.

МВР соопшти и голем број на регистрирани прекршоци по однос на мерката за неносење лична заштитна опрема согласно уредбите против коронавирусот. Имено, евидентирани се 461 лица кои не носеле заштитна маска.

Вчера министерот за внатрешни работи – Наќе Чулев, најави зајакнати контроли на полицијата во однос на почитување на пропишаните мерки од владата, вклучително и во угостителските објекти кои од денеска почнуваат со работа под строги протоколи:

„Протоколите ги носи Комисијата за заразни болести и тие треба да се почитуваат. Во наредниот период ќе бидат зајакнати контролите од страна на Министерството за внатрешни работи во однос на почитување на препораките на Владата за задолжително носење на лична заштитна опрема и држење на дистанца, односно забрана за групирање, со оглед дека веќе нема ограничување на движење и пунктови на полицијата. Во однос на контролата на угостителските објекти, МВР во соработка со инспекциските служби ќе изврши контрола на нивното работење во зголемен обем“, најави Чулев.

 

- Реклама -