Вујовиќ: Некои играчи ќе мора добро да се замислат дали ќе можат да го носат дресот на Вардар

Скопје, 11 август 2021 (МИА) – Ние сме далеку од вистинската форма и далеку од онаа енергија која е потребна за Вардар да биде она што е. Можеби ова е добра опомена на стартот, има уште многу за игра, изјави денеска Веселин Вујовиќ, тренерот на ракометниот клуб Вардар по поразот од Еурофарм Пелистер во Супер Купот на Македонија.

Вујовиќ кажа дека нема замерка за победата на Еурофарм и дека ова е прв натпревар кој ги очекува од многу кои ќе ги играат оваа година.

– Ќе се потрудиме да промениме некои работи, но некои играчи ќе мора добро да се замислат дали ќе можат да го носат дресот на Вардар, посочи тој и дополни дека по поразот од девет разлика не е задоволен од ништо, само од загревањето.

Варадаровото лево крило, Тимур Дибиров, изјави дека се разочарани, но, не поради поразот затоа што, како што кажа, сѐ уште е период на подготовки, туку поради начинот на кој што изгубиле.

– Првото полувреме беше подобро но, не толку добро, во второто паднавме во играта. Во секој случај ваква „шлаканица” е добредојдена затоа што веднаш гледаме каде ни се грешките и на што треба да работиме, кажа Дибиров.

Дополни дека очекуваат тешка сезона и треба да ги кренат главите и да работат уште подобро отколку досега.

Еурофарм Пелистер го освои годинешниот ракометен Супер куп на Македонија откако вечерва го совлада Вардар со 31-22.

- Реклама -