Вучиќ: Србите на Косово мора да му веруваат на КФОР, Србите и Албанците да го зачуваат мирот

„Анализиравме сѐ што се случува на Косово, како и меѓународниот аспект, ситуацијата на теренот“, изјави претседателот Александар Вучиќ за РТС по седницата на Советот за национална безбедност одржана во врска со ситуацијата на Косово. Српскиот претседател ги повика Србите на Косово и Албанците на зачувување на мирот и апелираше да не се напаѓаат и да им се верува на КФОР и ЕУЛЕКС. Тој побара и да се ослободат уапсените Срби, јави дописникот на МИА од Белград.

„Презедовме соодветни мерки за да ја заштитиме нашата татковина, во насока на тоа ги дадов најважните наредби и Советот за национална безбедност ги прифати и морам да кажам дека сме многу горди на нашите војници и полицајци“, изјави Вучиќ.

„Станува збор за обид да се стави крај на српскиот проблем на Косово и Метохија, во кој учествуваат Албин Курти и властите во Приштина и добар дел од меѓународната заедница, која се прави дека не гледа што се случува“, нагласи Вучиќ.

„Денеска бев шокиран од изјавите на одредени функционери дека барикадите се страшни. Прво, никој од Белград не нареди барикади, не ја напаѓајте Србија“, рече Вучиќ, додавајќи дека „ова е нивен израз на протест против апсењето луѓе, тепањето луѓе, малтретирањето на луѓето и неисполнувањето на Бриселскиот договор“.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

„Она што е важно за нас е да ги повикаме и Албанците и Србите да го зачуваат мирот и да се смири ситуацијата“, рече Вучиќ и ги повика Србите на север да бидат мирни и да не наседнуваат на провокации.

Што се однесува до наводите за нападот на ЕУЛЕКС, тој истакна дека нивна должност е да повикаат на мир и да побараат никој случајно да не ги напаѓа припадниците на КФОР и ЕУЛЕКС.

„Србите мора да му веруваат на КФОР додека не се докаже спротивното, ние не одиме против КФОР или ЕУЛЕКС, само сакаме да го спасиме нашиот народ“, рече српскиот претседател.

Сепак, тој оцени дека Србите во Косово ги чека „тешка ноќ“.

„Се надевам и имаме гаранции од КФОР и Европа дека тие нема да преземат насилни дејствија против демонстрантите и се надевам дека ќе биде така. Ќе сториме сѐ за да ги зачуваме мирот и стабилноста“, рече Вучиќ.

Извор: МИА

- Реклама -