Вучиќ: Србија нема да ги признае референдумите во украинските области под руска контрола

Белград, 28 септември 2022 (МИА) – Претседателот Александар Вучиќ денеска во Инџија најави дека во сабота, 8 октомври, ќе се обрати до граѓаните за чекорите што ќе се преземат во однос на сите важни политички и економски прашања, јави дописникот на МИА од Белград.

„За сите важни прашања, сеопфатно за сите наши потези, мерки, политика, економски и енергетски во текот на зимата и снабдувањето со храна, ќе говорам на 8 октомври“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека Србија не може и нема да ја признае очекуваната одлука на Државната дума на Русија за приемот на териториите на Украина каде се одржаа референдуми за присоединување кон Русија.

„Ние го штитиме сопствениот територијален интегритет и во наш најдобар интерес е да го заштитиме територијалниот интегритет на меѓународно признатите земји и тоа е единственото нешто што секако не може да се промени, тоа се работи кои се од суштинско значење за нас“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека во тој случај Србија повеќе би немала никаква позиција, не само кога станува збор за Косово, и дека е „многу заинтересиран“ како ќе се покрене процедурата за прием на Косово во Советот на Европа на 4 и 5 октомври, по одлуката за припојување на четирите украински региони кон Русија по референдумот.

Прочитајте и:  Србија се усогласи со пет одлуки на ЕУ, но не и со мерките против лидерите на Придњестровје

Одговарајќи на новинарски прашања, Вучиќ се осврна на Украинската криза и невоведувањето санкции кон Русија, оценувајќи дека Србија со стабилна политика издржала 210 дена, а притисокот врз раководството е огромен.

„Јас не се борам за Путин или Бајден, туку за Србија, оваа земја… Не ми е гајле за странските лидери“, додаде Вучиќ и изјави дека притисоците ќе се зголемуваат.

Тој оцени дека еден технички документ (документот што го потпишаа Србија и Русија) може да се користи за тешки напади во медиумите и дека тоа укажува дека нервозата се зголемува, дека ќе бидат ангажирани сите групи за притисок и на медиумите и партиите.

На прашањето од каде доаѓа притисокот, Вучиќ рече дека сите разбираат сѐ и дека тој зборува до каде може без да ѝ наштети на државата.

„Мораме да гледаме кои се нашите интереси, а за тоа ќе зборувам повеќе на 8-ми“, рече српскиот претседател.

- Реклама -