Вучиќ до рускиот амбасадор: Курти спроведува етничко чистење на Косово

Синоќа најавената средба на српскиот претседател Александар Вучиќ со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко, по вооружената пресметка околу манастирот Бањска, денес наутро се одржа и на неа Вучиќ го информирал рускиот амбасадор дека на Косово се спроведува етничко чистење организирано од косовскиот премиер Албин Курти со поддршка на дел од меѓународната заедница, јави дописникот на МИА од Белград.

Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил „buducnostsrbijeav“ напиша дека имал важен разговор со амбасадорот Александар Боцан-Харченко.

„Благодарен сум што ги сослуша молбите и барањата на српската страна. Го информирав Боцан-Харченко за фактот дека на Косово и Метохија се врши брутално етничко чистење во организација на Албин Курти со поддршка на дел од меѓународната заедница“, истакна Вучиќ.

Прочитајте и:  Вучиќ: Некои не поднесоа оставка поради притисок, сега им е шансата да покажат одговорност

Претседателот на Србија во неделата вечерта го осуди убиството на косовскиот полицаец и рече дека Србите од Косово стојат зад нападот.

Тој посочи и дека главен виновник за сè што се случува на Косово е Албин Курти, а единствената желба на Курти е да ја доведе Србија во конфликт со НАТО.

„Никогаш нема да го признаеме независно Косово, можете да нè убиете сите“, рече Вучиќ на крајот од своето обраќање до јавноста.

МИА

- Реклама -