Вучиќ откри детали за бегството на Груевски: Ние не сме диво племе… Ако го запревме, тоа ќе беше киднапирање

Груевски, Вучиќ и Орбан на средба со кинескиот премиер Ли Кечијанг, декември 2014.

Станувајќи првото официјално лице што потврди информација за бегството на експремиерот Никола Груевски, вчера српскиот претседател Александар Вучиќ, на гостувањето во емисијата „Кирилица“ на српската „ТВ Хепи“, изјави дека Груевски влегол во Србија со регуларни документи и дека во тој момент немало распишано потерница од македонска страна. Тој ги отфрли обвинувањата дека Србија на било каков начин му помогнала на Груевски и вината ја посочи кај македонските власти.

Вучиќ истакна дека во Србија сé било направено во согласност со законот и дека наспроти тврдењата на оние кои велат дека за случајот треба да се прашаат Албанија, Црна Гора и Србија, вистинското прашање е како Груевски излегол од Македонија, и дали Македонија во тој момент го гонела или не.

Вучиќ во детали објасни како се одвивало бегството на Груевски низ Србија:

„На ден 11 ноемвери, во текот на ноќта, некаде меѓу 1 и 2 часот, немаме официјални податоци, лицето Никола Груевски влегува на територијата на Албанија, легитимирајќи се и во придружба на две лица од унгарска националност. Потоа влегува во Црна Гора на преминот Божај, повторно со регуларни документи и со пасаван (пропусница) издаден во унгарската амбасада во Тирана.

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

Потоа, на 11 ноември влегува во Србија со регуларна лична карта и во придружба на истите две лица, а потоа на 12 ноември, во 5:11 часот, Груевски ја напуштил Србија на преминот Хоргош со пасаван бр. 100.501 издаден во Тирана, со лична карта и во придружба на лица со дипломатски документи и дипломатско возило“, наведе Вучиќ.

Во тој момент не постоела никаква потерница за Груевски, истакнува тој.

„Дури на 13 ноември, во 19:35 часот од Интерпол Скопје ни е доставена потерница. Следствено, ако го запревме, тоа ќе беше киднапирање на Груевски од наша страна“, рече Вучиќ.

„Три дена подоцна! Кого вие зафркавате, барате Србија да апси луѓе без потерница… Зар мислите дека ние сме диво племе, дали тоа од Србија очекувате наместо да се прашате кого пуштивте и зошто толку чекавте?“, рече Вучиќ, насочувајќи ја критиката кон македонските власти.

Меѓу другото, Вучиќ рече и дека последен пат се слушнал со Груевски за време на нередите во македонското Собрание, кога „Груевски од Виена го молел да апелира за смирување на ситуацијата“, и уште еднаш потоа кога зборувале во врска со Европската народна партија…

 

 

B92

- Реклама -