Вучиќ: Ќе изградиме нафтовод до Унгарија за 24 месеци, планираме нафтовод и гасовод до Северна Македонија

Српскиот претседател Александар Вучиќ, во денешното обраќање до српската јавност, говореше и за енергетската криза, при што најави дека Србија, меѓу другото, планира и изградба на нафтовод низ Македонија до пристаништето Драч во Албанија, како и гасно поврзување со нашата држава, јави дописникот на МИА од Белград.

Образложувајќи ја актуелната енергетска криза во светот, Вучиќ потенцираше дека по последните настани околу санкциите на ЕУ кон Русија (со кои, според него, Хрватска се покажала како партнер на кој не може да му се верува) и за нафтоводот Јанаф, кој е единствениот нафтовод со кој Србија се снабдува со нафта, Белград донел решение за почеток на изградба на нафтовод кон Унгарија, а во план е изградба и на нафтовод со „пријателите од Отворен Балкан“.

„Мораме да почнеме да ги диверзифицираме изворите на нафта. Србија ќе започне со изградба на нафтовод до Унгарија. Во согласност со договорот што јас и Виктор Орбан веќе го постигнавме, ќе започнеме со изградба на нафтовод Нови Сад – Унгарија, до Алџа, во должина од 128 километри. Нафтоводот може да чини и до 100 милиони евра“, рече српскиот претседател.

Прочитајте и:  Вучиќ: Некои не поднесоа оставка поради притисок, сега им е шансата да покажат одговорност

Според него ќе бидат потребни меѓу 18 и 24 месеци за да се изгради нафтоводот до Унгарија.

„Нашата идеја е да изградиме нафтовод и до Северна Македонија и пристаништето Драч во Албанија, за да ја премрежиме нашата земја со нафтовод. Ќе започнеме брзи разговари со нашите партнери од Отворениот Балкан и регионот“, рече Вучиќ.

Говорејќи за гасното поврзување и диверзификацијата со изворите на гас, најави дека со Македонија ќе се гради и гасно поврзување, што, како што кажа, веќе е влезено во плановите на ЕУ за финансирање.

Инаку, според Вучиќ, Србија има резерви на нафта за 75 дена, на бензин 59 денам, и полни капацитети на гасни резерви.

„Србија во овој период ќе се снабдува со нафта на различни начини, ќе купуваме ирачка нафта, која е за 20 отсто поскапа, а ќе ја носиме во нашата земја преку нафтоводот Јанаф“, рече српскиот претседател.

Тој информираше и дека наредил дека од сѐ што произведуваат фабриките во Србија, 20 отсто мора да остане во Србија и за вооружените сили, како и дека ќе се вложат уште 12 милијарди во инфраструктурата.

Извор: МИА

- Реклама -