Белград, 14 декември 2021 (МИА) – На отворената седница на српската Влада, на која присуствуваше претседателот Алекандар Вучиќ, тој оцени дека отворањето на кластерот 4 е важен сигнал дека ЕУ го поддржува натамошниот напредок на Србија на нејзиниот европски пат, но и дека во Србија се работело вредно и добро, јави дописникот на МИА од Белград.
„Ние сме единствената земја од Западен Балкан на која нешто ѝ е отворено на меѓувладината конференција во Брисел. На тоа ние не се радуваме, затоа што би го сакале тоа и за другите, особено за нашите пријатели од Северна Македонија, но од билатерални причини тоа не го направија“, изјави Вучиќ.
Кога станува збор за состојбите во регионот, тој посочи дека е забележливо што со посебно внимание се следи напредокот на Србија.
Вучиќ оцени дека е забележливо дека Загреб и Приштина на најистакнат начин, но и делови од политичко Сараево изразуваат незадоволство и ја следат брзината на напредокот на Србија, зајакнувањето на нејзината финансиска моќ, но и зајакнувањето на армијата, со желба тоа да не оди со таа брзина.
„За нас е важно да се придржуваме до нашата политика на почитување на Дејтонскиот договор, интегритетот на БиХ, но и на РС“, рече тој.
Говорејќи за проблемите со струјата настанати по обилните врнежи од снег, тој изјави дека во неделата паднал целосниот електроенергетски систем затоа што Електроиндустрија на Србија (ЕПС) не зела предвид колку може да биде влажен јагленот и колку калта може да ги оштети сите шест блокови во термоелектраната Никола Тесла (ТЕНТ).
„Затоа Обреновац извесно време немаше парно и затоа увезувавме енормни количества струја. Брзо реагиравме финансиски, но штетата е огромна“, истакна Вучиќ и рече дека ќе мора да се сносат последиците за грешките.
Вучиќ го критикуваше и директорот на Србијагас, Душан Бајатовиќ, бидејќи капацитетите на складиштето за гас Банатски двор не се навреме проширени, како и тоа што гасот од таа централа се трошел, без да се смета на ваква криза, па затоа Србија сега е принудена да ја увезуваат таа енергија купувајќи ја на берза.
Тој додаде дека намерата на државата во наредниот период е да купи се што може од енергетските капацитети во соседството и за што ќе се укаже можност по пазарни и повисоки од пазарните цени за да се гарантира снабдувањето на Србија во иднината.
Според Јоргованка Табаковиќ, гувернер на Народната банка на Србија „од октомври до вчера, НИС, Србијагас и ЕПС заедно купиле нето над половина милијарда евра девизи за увоз на енергенти, а до крајот на декември треба да се купат уште 250 милиони евра“.