Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека Србија бара спонзорите да го повлечат предлогот за резолуција за Сребреница и со тоа да придонесат за помирување во регионот, јави Бета.
Тој посочи дека Србија јавно го осуди злосторството во Сребреница и дека поднесувањето на резолуцијата ќе ги продлабочи поделбите во Босна и Херцеговина, имајќи предвид дека нема консензус за тоа многу чувствително прашање.
Вучевиќ денеска на средба со претставникот на Министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа, Михаел Рајфенштул, истакна дека билатералните односи се развиени и се карактеризираат со интензивна соработка на повеќе полиња.
На средбата беше истакнато дека заеднички интерес е деескалацијата на ситуацијата и стабилизирањето на безбедносните услови во регионот, како и европската интеграција на регионот, соопшти Министерството за одбрана на Србија.
Вучевиќ рече дека гласањето за членство на Косово во Советот на Европа претставува опасен преседан и нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, како полноправна членка на Обединетите нации и на Советот на Европа.