Министерот за одбрана Милош Вучевиќ на прес-конференција изјави дека доколку српските вооружени сили добијат наредба од претседателот на Србија, како врховен командант, „да влезат на територијата на Република Косово, како дел од Република Србија, Војската на Србија ќе ја извршат таквата задача ефикасно, професионално и успешно“, јави дописникот на МИА од Белград.
Во сите овие години, војниците на КФОР никогаш не преминале на територијата на Србија, ниту пак српската армија го направила тоа без дозвола на КФОР. Војската на Србија никогаш не прекршила никаков договор и тоа не е техничка туку суштинска информација.
„Има систематска кампања против српската армија, против нејзиното распоредување на територијата на Србија. Доколку српските вооружени сили добијат таква наредба од претседателот на Србија како врховен командант да влезат на територијата на Косово, српските вооружени сили ќе извршат таква задача“, посочи Вучевиќ и додаде дека таквата можна задача би да се спровела професионално и секако однапред би се најавила на КФОР затоа што – „ние ништо не работиме зад грб“.
Тој додаде дека немало обука на никакви терористички сили или каков било упад на територијата на Косово.
„Според таа логика, морам да ги прашам сите, пред сè Курти и неговите соизвршители, што ќе правиме со тоа што албанската полиција на Косово или таканаречената косовска полиција го користи истото српско оружје“, праша Вучевиќ.
Тој покажа фотографии на кои се гледаат, како што тврди, косовски полицајци и специјалци со пушки М70, автомати М72 и друго оружје произведено во Србија, нагласувајќи дека Србија не им ги продавала тие пушки.
„Дали од таа аналогија произлегува дека Србија ја обучувала и вооружувала албанската косовска полиција да пука во Срби? Логично е Србите да имаат српско оружје, но од каде им на албанските полицајци наше оружје“, праша Вучевиќ.
Тој рече дека истото оружје и воена опрема може да се најде насекаде на територијата на поранешна Југославија и дека затоа е „целосна глупост“ да се тврди дека државата Србија, Министерството за одбрана и српската војска учествувале „во она што некои нарекуваат терористички акти“.
МИА