Шинтаро Хајаши, изработувач на протези од Јапонија, им помага на поранешните членови на прочуената јапонска мафија – Јакуза, со тоа што им прави вештачки протези за малите прсти што ги изгубиле за време на криминалниот живот.
Јакузите се познати по нивните строги правила на однесување и организациона природа. Кога некој член ќе прекрши некое од нив, тој е принуден да изврши ритуал познат како „јубицуме“, што се состои од отсекување на некој од своите прсти, како знак на покајание. Најчесто, тоа е левиот мал прст, но повторување на грешките може да ги чини несмасните членови дури и цела дланка. Ова ги стигматизира активните, но и поранешните членови на јапонската мафија, па оние што успеваат да избегаат од ова бурно минато, имаат проблем да најдат работа и да се ресоцијализираат како обични граѓани во општеството. „Пензионираните“ Јакузи го прикриваат своето минато со тоа што ги чуваат дланките стегнати во тупаници, но порано или подоцна, моментот на вистината е неизбежен. Тука Хајаши стапува на сцена. Последните 10 години, тој е посветен на изработка на лажни прсти, со цел да ги маскира ампутациите на неговите Јакуза клиенти.
Секоја изработена протеза е уникатна и е направена за перфектно да му одговара на носителот. Една ваква реплика чини околу 3000 долари, а повеќето клиенти бараат барем 2 различни сета, еден со посветла боја на кожата – за во зима, а другиот со потемна кожа – за во лето. Што повеќе се користи силиконскиот прст, почесто треба да биде заменуван, но периодичното обновување е поефтино, бидејќи мерката е веќе земена. Шинтаро има од 20 до 30 клиенти годишно, а заработката од протези претставува само 5 проценти од неговиот бизнис.
За многу Јакузи, силиконските реплики на Хајаши се вистински благослов, овозможувајќи им да најдат работа што инаку не би ја добиле и да се реинтегрираат во општеството за кратко време. Но, не сите негови клиенти се поранешни членови. Добар дел воопшто немаат намера да ги раскинат врските со Јакуза, а протезите ги користат за да можат да присуствуваат на јавни настани.
Бројот на членови на јапонската мафија полека опаѓа откако полицијата презема строги мерки за сузбивање на криминалот и ги притисна легалните бизниси да ги пресечат сите врски со криминалната организација. Некои од босовите на подземјето дури се одрекоа и го негираа вековниот ритуал „јубицуме“, плашејќи се да не привлечат непотребно внимание.