Од 870 тестирани, во последните 24 часа се потврдени 176 нови случаи на Ковид-19. Тоа претставува 20.2% од тестираните, што би бил загрижувачки процент кога би ја отсликувал застапеноста на вирусот во заедницата. Од друга страна, поверојатно е дека како и досега, високиот процент алудира дека заразените доаѓаат главно од познати кластери. Како што објасни министерот Венко Филипче во повеќе прилики, очекувано е овој процент да биде висок кога тестирањата се во рамки на еден или неколку кластери кои се резулат на, на пример, семејни прослави со повеќе присутни лица, или во рамки на работен колектив.
Од денешните бројки, се извлекува и заклучок дека се намалува уделот на главниот град во бројот на новозаразени. За разлика од изминатиов период кога многу често во Скопје беа регистрирани по околу две-третини од новозаразените на дневна основа, последниве денови поголем дел од новите случаи доаѓаат од другите градови. Тоа, од друга страна, значи помала локализираност на вирусот низ државата.
Денеска, исто така, се регистрирани 80 излечени/оздравени, што е најмногу во последниве две недели.
Исто така, податоците на Министерството за здравство покажуваат дека денеска втор ден по ред има благо намалување на пациенти од Ковид-19 во болниците.
Од друга страна, 9 пациенти се на респираторна поддршка:
Како што соопштија од Министерството, во последните 24 часа на Инфективната клиника се примени 4 пациенти. Вкупно, до утрово, хоспитализирани се 98 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 45 пациенти. Во Инфективната клиника нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле се хоспитализирани 19 возрасни позитивни пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, а вкупно хоспитализирани се 129 пациенти. На респираторна машина се 9 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 39, а во болницата во Штип се хоспитализирани 28 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 80 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.