Вселенска жмурка со вонземјаните

aliens-on-earth[1]

Во случај некои агресивни вонземјани да ја забележат Земјата, многу веројатно е дека ќе дојдат и ќе убијат сé живо на планетава. За среќа, покрај тоа што сме ранливи, малку од малку сме и паметни, па научниците сметаат дека најдоа начин да ја „затскријат“ нашата планета за во случај некои супериорни вонземски цивилизации во ПМС да не можат ни да нé најдат, пред воопшто да направат било што друго. Сепак, ако не сме внимателни, истата таа заштита може да се претвори во мамка и да повика уште повеќе вонземјани расположени да прават зулум.

Во објавениот научен труд се вели дека планетата можеме да ја скриеме со помош на посебна направа која ќе формира „ласерска наметка“ што ќе нé направи невидливи. И пред да се почуствувате горди што сте помислиле: хеј, а што ако и вонземјаните користат таква за да се скријат од нас?, да и научниците се сетија на тоа – поточно, тие сметаат дека „ксенофобните цивилизации“ – тие што не сакаат странци, веќе можеби и ја користат оваа технологија.

„Напредните цивилизации би можеле да го прикриваат своето присуство, или намерно да го истакнуваат, преку контролирана ласерска емисија“, пишува во извештајот во The Monthly Notice of the Royal Astronomical Society. „Човештвото може да ја затскрие Земјата… користејќи монохроматски ласерски снопови“, пишува во продолжение.

Најлесниот начин за наоѓање планети во нашиот соларен систем е таканареченото „транзитирање“: Научниците бараат докази за планети кои поминуваат пред својата матична ѕвезда, така што ние можеме да го забележиме прекинот во светлината што доаѓа од таа ѕвезда. На сличен начин, со емитување на ласер кога Земјата поминува пред својата матична ѕвезда – Сонцето, ние можеме да го скриеме тој прекин и да ги зезнеме вонземјаните кои го користат истиот метод за да нé најдат нас. Исто така, ласерите можат да бидат и модификувани за да изгледа дека нашата планета е студена и безживотна, со надеж дека посетителите ќе се пишманат.

Со оглед на тоа што човештвото постигнува одлични резултати користејќи го методот на транзитирање за да открива нови егзопланети, не е неразумно дека многу вонземски цивилизации би можеле одамна да го имаат присвоено овој метод како дел од својот ловечки арсенал, или како одбранбена мерка.

Како да не беше доволно тешко и кога мислевме дека желбата да се сретнеме со вонземјаните е обострана, сега ќе играме и жмурки… По сé изгледа, ова ќе потрае.

- Реклама -