„Вреди“: Иџет Мемети и Наќе Георгиев се персонификација на октоподот на криминалот и корупцијата во судството

„Како коалиција со право поставуваме јавно прашање – колку други случаи ДУИ организирала со овие две лица кои сега се познати за нас? Кога ДУИ зборува за пријавување на криминалите во обвинителството, секогаш се потпира на своите луѓе инсталирани во системот. Повиците за ветинг се само манипулација за да создадат илузија на транспарентност“, велат од „Влен“

Фари Исени – портпарол на коалицијата „Вреди“ / фото: „360 степени“

ДУИ и нејзините сателити веќе една недела молчат за случајот со Иџет Мемети и Наќе Георгиев – нивни кадри што се фатени на дело со корупција и соработка, велат од владејачката коалиција „Вреди“.

Посочуваат дека овој случај покажува како функционира октоподот на криминалот и корупцијата во државата.

„Прво се негираат обвинувањата, а потоа, кога не можат да ги сокријат доказите, тука е абазиското обвинителство за да ги среди работите. Во овој контекст му упатуваме јавно прашање на обвинителот Ислам Абази – дали треба да има олеснителни околности за лица кои требало да ја спроведат правдата?“,

праша партискиот портпарол Фари Исени.

Исени нагласи дека Иџет Меџити, кој бил на важни позиции за време на, како што рече, 22-годишниот режим на ДУИ, и Наќе Георгиев, судија на Врховниот суд, се „персонификација на октоподот на криминалот и корупцијата во судството“.

„Како коалиција со право поставуваме јавно прашање – колку други случаи ДУИ организирала со овие две лица кои сега се познати за нас? Кога ДУИ зборува за пријавување на криминалите во обвинителството, секогаш се потпира на своите луѓе инсталирани во системот. Повиците за ветинг се само манипулација за да создадат илузија на транспарентност“,

велат од „Вреди“.

„Вреди“ смета дека ДУИ, со луѓе што се на американската црна листа, треба да се реформира за системот да се ослободи од, како што велат, криминалните кланови и конечно граѓаните да добијат заслужена правда.

Инаку, врховниот судијата Наќе Георгиев е првоосомничен за поткуп во постапката што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој, пак, беше уапсен со поголема група поради шверц на марихуана. Георгиев призна дека примил мито и се спогоди со Обвинителството да добие затворска казна од три години, а исто толку време ќе има забрана за вршење на професијата.

И второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднесе оставка, призна вина и се спогоди со Обвинителството за условна казна.

- Реклама -