Вработените во РКЕ: „Вакво нецивилизирано и дивјачко однесување во 21 век е недозволиво за земја аспирант за ЕУ“

Револт и најостра осуда изразија вработените во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска во писмо по повод нападот врз претседателот на комисијата – Марко Бислимоски.

„Физичкиот напад врз Претседателот Бислимоски го сметаме како директен напад и притисок врз работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, но и врз системот на регулирањето на енергетските пазари во Република Северна Македонија кој е воспоставен и успешно функционира од 2003 година“, се вели во писмото.

Вработените во РКЕ сметаат дека однесување како тоа на Аријанит Џафери е недозволиво во 21 век.

„Ваквото нецивилизирано и дивјачко однесување на учесникот на енергетскиот пазар во 21-от век е недозволиво особено за нас како земја аспирант за влез во ЕУ“, велат во писмото.

Тие потенцираат дека Бислимоски меѓу своите колеги важи за голем професионалец кој нема ниту една дамка во своето работење и како човек кој е подготвен секогаш и секому да помогне.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Од РКЕ уверуваат дека ќе продолжат да постапуваат исклучиво според законите.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија постапувала и ќе постапува во согласност со законите, а врз основа на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација, со примена на најдобрите меѓународни искуства и практики.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија три последователни години е прогласувана за најдобро регулаторно тело во рамки на Енергетската заедница и ниту еден ваков недоличен настан не смее да го загрози интегритетот и угледот ниту на Претседателот, ниту на институцијата.

Бараме надлежните институции да ги преземат сите законски мерки кои се во нивна надлежност и сторителот (сторителите) на ваквото дело најстрого да го санкционираат“, се вели во писмото.

- Реклама -