Вработените на 1 ТВ на колективен одмор

Вработените во 1ТВ од денес се на колективен одмор, а останува неизвесно и дали ќе се вратат на работа. Ова следува откако Обвинителството го отвори случајот „Рекет“ каде првоосомничен е Бојан Јованвски кој се претставуваше како неформален сопственик на телевизијата. Уредничката на вечерашните вести, Кристина Атовска рече дека вечерашниот дневник, можеби е последниот кој се емитувал на 1ТВ.

„Можеби ова е последниот дневник кој го гледате. Случувањата поврзани со Бојан Јовановски влијаат на медиумот. 1ТВ беше мета на лажни вести за да се дискредитира новинарскиот кадар. 1ТВ во иднина може да биде остварување на професионалните планови на новинарите. Новинарскиот кадар на 1ТВ е горд што докажа дека и покрај штетата што си ја нанесуваат на себе, постојат луѓе кои ги бранат новинарските стандарди и новинарската професија. Да се надеваме дека ова не е одјава, туку свеж почеток за рестартирање на 1ТВ.“, рече уредничката Кристина Атовска на вечерашните вести на телевијата.

Елена Џугуманова, која исто така го уредуваше последниот централниот дневник на телевизијата вели дека иднината на медиумот е доведена во прашање.

„Иднината на овој медиум кој започна со емитување на програма од март 2018 е доведена во прашање. Со оваа информација го завршуваме централниот дневник и ви велиме ,засега довидување’.“, рече уредничката и водителка на вечерашниот дневник, Елена Џугуманова.

Како главен и одговорен уредник на денешните вести беше потпишана Гордана Дувњак, откако претходно, уредникот Ацо Кабранов по апсењето на Боки 13 даде отказ од телевизијата.

- Реклама -