Доктор Брајан Каплан верува дека родителите премногу се трудат во воспитувањето на своите деца и ги советува да прифатат поопуштен пристап. Тој тврди дека инвестирањето во часови по музика, организирани спортови и едукативни игри нема да направи ни најмала разлика во тоа како ќе созреат децата.
Според него родителите би требало да си „дозволат простор за маневрирање“ и да престанат да се обидуваат да го контролираат секој аспект од животот на нивните деца. Тој бара поопуштен и позабавен стил на воспитување наречен „смирено воспитување“ во кое родителите дозволуваат детето да го контролира текот. Оваа теорија сигурно ќе биде причина за загриженост помеѓу оние родители кои прифатиле метод кој подразбира студен пристап, напорна работа и минимална игра.
Според тој метод, базиран на книгата на Ејми Чуа, Battle Hymn Of The Tiger Mother, родителите треба да се борат за да ги подобрат академските успеси на своите деца. Но советот на доктор Каплан најверојатно ќе биде олеснување за многуте зафатени родители кои често чувствуваат вина бидејќи поминуваат помалку време со своите деца. Доктор Каплан, татко на три деца, ја претставил својата теорија во Selfish Reasons To Have More Kids: Why Being A Great Parent Is Less Work And More Fun Than You Think, објавена овој месец.
Тој вели: „Во моментов родителите прават повеќе од што можат за своите деца. Родителите можат драстично да си го подобрат животот без да им наштетат на децата. Природата, а не воспитувањето е одговорна за голем дел од фамилијарните сличности, родителите можат слободно да се опуштат. Престанете да се грижите за тоа колку телевизија гледаат децата. Не ги присилувајте да прават милиони активности кои ги мразат. Прифатете дека животот на детето е обликуван од неговите гени и неговите лични избори, а не колку многу вие сте жртвувале за да ги претворите во успешни возрасни единки.“
Доктор Каплан, академик и економист од Џорџ Мејсон Универзитетот во Вирџинија, САД, вели дека неговата „смирена“ теорија е базирана на научни докази. Тој посочува академски истражувања извршени врз близнаци и посвоени деца според кои долгорочните ефекти на домашното воспитување се движат од мали до незначајни во голем број полиња како здравје и успех во подоцнежниот живот. Студиите исто така покажале дека родителите можат да го зголемат нивото на интелегенција на децата додека се млади. Но до моментот кога ќе наполнат 12 години, напорите на родителите немаат никаков ефект. [Let them eat pizza: Parenting guru’s recipe for bringing up children]