Наспроти потрагата по вонземски живот во вселената, некои научници велат дека е сосема можно вонземскиот живот веќе да е тука.
Наспроти потрагата по вонземски живот во вселената, некои научници велат дека е сосема можно вонземскиот живот веќе да е тука.
Пол Дејвис, професор по физика на Универзитетот Аризона, неодамна излезе со теорија дека вонземскиот живот можеби веќе е на нашата планета и дека ние го бараме на погрешно место – во вселената.
„Како би можеле да потврдиме со сигурност дека животот на нашата планета потекнува од само еден извор?“ рече тој пред научниците од Лондонското Кралско Општество (британската академија на науки и уметности). „Уште не сме ни започнале да го разоткриваме микробиолошкиот свет“.
На планетата Земја постојат толку многу различни животински видови, што е невозможно да се каже дали сите потекнуваат од исти корени. Некои видови се толку чудни во своето однесување, што мора да се запрашаме – од што настанале (или пак од каде дошле)? На пример, постојат бактерии кои се хранат со хемикалии, а постојат и такви што се лепат на подводните геотермални извори и опстојуваат на (она што од наша перспектива се) екстремно високи температури. Секако, ова не мора да значи дека тие „не се од овој свет“. Можеби се работи за чудни насоки во еволуцијата, но никогаш не можеме да бидеме сигурни.
Едно е сигурно. Од сите бактерии на планетава, проучени се вкупно околу 1%. Претстои уште многу работа, а кога таа ќе биде завршена, веројатно ќе знаеме дали сме единствени и дали во „егзотичните“ видови живот постои можност за втора нишка на еволуцијата која ќе биде посупериорна, поотпорна, доминантна…