Volkswagen ќе вози такси

Германскиот производител на автомобили Volkswagen се насочува кон мобилни услуги. Целта на компанијата е со овој потфат да остварува „значителен дел“ од нејзините идни приходи.


Со овој потег производителот има намера да ги насочи погледите на јавноста подалеку од скандалот со емисиите, изјави еден од директорите на концернот, цитиран од повеќе агенции. Volkswagen, кој забележа 213 милијарди приходи за минатата година, потпиша во средата договор со компанијата за наем на автомобили Gett, „тежок“ 300 милиони долари. Соработката со Gett вклучува наем на автомобили, достава на пратки со возила и такси… Volkswagen очекува брзо проширување на пазарот на слични транспортни услуги, кој во Европа може да расте и над 30% годишно, изјави извршниот директор на VW, Матијас Милер.

– Во иднина нашиот главен производ нема да е само автомобилот, потенцира Милер. – Нашиот главен производ, нашето ветување кон корисниците е мобилноста. Овој месец компанијата ќе го објави својот нов бизнис план и стратегија, која има за цел да ја подобри профитноста. За таа цел  предвидуваме поголеми инвестиции во електрични возила, нови технологии и мобилни услуги.


И конкурентите на Volkswagen не седат со „скрстени раце“ Toyota Motor објави минатата недела дека ќе инвестира во Uber Technologies, додека General Motors инвестира 500 милиони долари во главниот конкурент на Uber во САД – Lyft. Зголемениот број трансакции ја одразува подготвеноста на производителите на автомобили да пронајдат алтернативни финасиски можности, односно во случај кога значителен број на корисници ширум светот одлучува да се откажат од своите возила и да имаат корист од новите опции за заедничко патување.

– Со ова партнерство ќе добиеме пристап до 100 милиони клиенти на VW, коментира основачот и извршен директор на Gett, Шахар Вејзар.

Volkswagen и Gett одбиваат да откријат финансиските параметри на договорот.

Автоплус

- Реклама -