Волксваген – преврат или недовршена битка?

Претседателот на надзорниот одбор на Volkswagen Group и фактички сопственик со презимето на германскиот автогигант, Фердинанд Пих, ненадејно поднесе оставка од сите функции во Групата, откако ја загуби битката со извршниот директор, Мартин Винтеркорн, да биде отстранет од советот.

Пих, правнук на креаторот на легендарната „Буба“, поднесе оставка на сите свои функции, незадовиолен од гласањето на членовите во советот, кои со пет против еден глас (оној на Пих), го отфрлија предлогот за симнување на Винтеркорн од функцијата. Инаку, кризата за врховен лидер на автогигантот стана отворена конфронтација овој месец, откако магазинот Der Spiegel го цитираше 78-годишниот Пих, кој поседува 51% од гласовите во VW, дека се „дистанцира“ од Винтеркорн. Коментарот дојде во момент кога VW се обидува да ги намали трошоците за да ја зголеми продуктивноста. Главниот проблем доаѓа од пазарот во САД, каде и покрај огромните капитал и рекламирање, работите не одат добро.

Функциите на Пих како шеф на надзорниот одбор ќе ги преземе времено потпретседателот, Бертолд Хубер. Од Volkswagen објавија и дека жената на Пих – Урсула, исто така, ќе ги напушти сите функции во Групата. Хубер изјави дека раководството треба да се справи со незадоволството на вработените во гигантот, предизвикано од кризата во највисокиот раководен ешалон. Премиерот на покраината Долна Саксонија, која е втор по големина сопственик на акции во VW – 20%, изјави дека оставката на Пих била потребна за да се врати довербата кај луѓето во компанијата.

Братучедот на Пих, претседателот на Porsche Automobil, Волфгант Порше, кој со години има семејно внатрешно непријателство со Пих, се обрати со  „благодарност“ за „неговите децении на ексклузивна служба во Volkswagen Group“.

– Длабоко жалиме за развојот на настаните во последните денови … Нашата голема лојалност кон Volkswagen Group и нејзините 600.000 работници останува непромемена и ние продолжуваме со нашата одговорност како главен носител на акциите, додаде Волфанг Порше.

- Реклама -