Тео Волкот е на добар пат да го следи Робин ван Перси низ излезната врата од „Емирати“ откако и англискиот репрезентативец уште еднаш ја одби понудата за продолжување на договорот со Арсенал.
Актуелниот договор на Волкот истекува на крајот од сезонава, а „Топчиите“ се надеваа дека ќе успеат да го убедат да ја демонстрира својата лојалност со продолжување на верноста. Арсенал му понуди на крилниот фудбалер зголемување на платата од 60.000 на 75.000 фунти неделно, што сепак беше далеку од сумата од 100.000 фунти неделно што ја бараше Волкот.
Токму поради ова, доколку во следните два дена не дојде до сериозен пресврт во преговорите, Арсенал ќе биде принуден да продаде уште еден од своите најдобри фудбалери за да не ризикува следното лето тој да си замине без никаква отштета од „Емирати“.
Челзи долго време се интересираше за Волкот, но „Сините“ нема да испратат понуда за овој фудбалер откако пред само неколку дена го ангажираа Виктор Мозес од Виган. Ливерпул и Манчестер Сити се клубовите што делуваат најзагреано за англискиот репрезентативец, а англиските медиуми поголеми шанси во оваа трка им даваат на „Црвените“ од „Енфилд“.
Брендан Роџерс може да си дозволи да ги задоволи финансиските барања на Волкот, но и да му гарантира место во првиот тим, нешто што не е случај со Роберто Манчини во Сити.
Тео Волкот минатата сезона заедно со Робин ван Перси беше најдобар фудбалер на „Топчиите“, постигнувајќи 11 погодоци, но и дури 13 асистенции.