Војникот Крег Патерсон бил во Хелманд Провинцијата во Авганистан три месеци кога неговата единица била нападната од снајперист минатиот јули. Дваесет и две годишниот Патерсон се сеќава како очајно се обидувал да им помага на своите соборци и покрај тоа што бил погоден во главата.
Младиот војник од Инверури, Шкотска, изјавил: „Бевме на операција, оставени во пустелија. Јас сум прецизен стрелец па добив наредба да се качам на покривот на една градба. На покривот бевме качени четворица во моментот кога некој почна да пука кон нас. Се сеќавам дека куршуми и гранати прелетуваа околу мојата глава. Знаев дека има снајперист во околината и се обидував да го најдам. Сè се случи многу брзо – ја подигнав главата накусо и тогаш ме погоди.“
„Не се сеќавам на многу откако бев погоден. Но мора да сум бил решен да го најдам снајперистот бидејќи моите пријатели ми кажуваат дека сум продолжил да пукам иако често сум губел свест.“ Војникот набрзо потоа изгубил свест и лежел беспомошно на покривот сè до моментот кога пристигнала медицинска екипа. Тој додал: „Следниот пат кога се разбудив бев во болница во Бирмингем.“
Мишел Пинг, која од своите соборци го добила прекарот Мајка, добила признание за нејзиното однесување тој ден. Крег Патерсон рекол: „Штом ми ги видела очите помислила дека сум мртов. Но таа ми рече дека ми викала дека тоа е неприфатливо. Благодарен сум за она што го направи за мене. Таа ми го спаси животот. Сега сме најдобри пријатели.“
Куршумот разнел дел од черепот на војникот но реакцијата на Мишел Пинг го стабилизирала до оној момент кога со хеликоптер бил пренесен во Кандахар каде што американски хирург го извадил оштетениот дел од черепот и го заменил со титаниумска плочка. Војникот рекол: „Сега имам метална плочка во черепот но го чувам делот кој го извадоа како сувенир. Уште не знам каков ефект ќе има плочката на детекторите на аеродром.“
По операцијата во Кандахар тој поминал три дена во кома бред транспортот во Британија. Тој минал еден месец во болница во Бирмингем пред да биде префрлен во воена единица за рехабилитација во Сури каде што минал седум месеци. Иако десната страна од неговото тело е ослабена Крег е среќен што е сè уште жив и сака да им помогне на добротворните служби кои помогнале во неговото опоравување.
Кога се вратил дома во Шкотска тој веднаш се пријавил за да собира пари за Soldiers, Sailors, Airmen and Families Association со возење велосипед 820 километри во текот на пет дена. На овој настан, познат како “Ride of Britain”, Крег ќе вози специјално приспособен велосипед. Тој додал: „Вежбам на патека помеѓу Инверури и Монимуск. Ова ќе биде предизвик, но подготвен сум да им помогнам на SSAFA да ја продолжат својата работа.“ [Hero soldier returned fire against the Taliban after he was shot in the head and lost a piece of his skull]