Војната со Хамас е конфликт помеѓу апсолутно добро и апсолутно зло, вели израелскиот претседател Херцог

Израелскиот претседател Исак Херцог денеска изјави дека војната против палестинската милитантна група Хамас е конфликт меѓу „апсолутно добро“ и „апсолутно зло“.

„Сите зборуваат за сложеност, но ова не е комплексен момент. Тука има апсолутно добро, има апсолутно зло. Тука има светлина, а таму темнина“, рече Херцог на првата зимска седница на Кнесетот, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Тој додаде дека Израел, благодарение на САД и нивната помош, не е сам во оваа војна.

„Ние се бориме како дел од семејството на народите, сите оние кои бараат правда, мир и слобода, против непријателот кој докажа дека човештвото и хуманизмот се негови непријатели“, рече Херцог.

Тој нагласи дека израелското општество се обединило во изминатите 10 дена, откако палестинската милитантна група Хамас изврши напади врз Израел.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

„Бруталниот напад на нашите непријатели беше насочен кон еврејскиот народ. Речиси нема дом во Израел каде што не стигна бранот на болната трагедија што ја доживеавме“, рече израелскиот претседател.

Според него, „длабочината на заедничката тага докажува дека сите граѓани на Израел се една израелска нација. Имаме прекрасна нација, нација која знае дека нема друг избор и нема друга земја”, заклучи Херцог.

МИА

- Реклама -