Пабовите во Велика Британија се многу заебани. Зошто да потрошите 18 евра на една тура точено пиво кога за истите пари може да купите 18 лименки? Зошто да поминете четврток попладне обидувајќи се да дојдете до мало дрвено столче кога вечерта можете да ја поминете на троседот кој е само ваш, и да гледате филмови од торент, наместо да слушате музика од MП3 плеер? И на крајот, зошто би се врзувале за местото кое лошите момци и така ќе го урнат со булдожер, иако немаат дозвола да го направат тоа.
Затоа што пабовите се центрите за дружење со децении. Да се пие во друштво е поубаво од пиење сам. Проблемот е во тоа што пабовите во Британија станаа загрозен вид. Секоја недела во просек се затвораат 29 пабови. Некои од нив по некое време повторно се отвораат, и имаат нови сопственици. Но најчесто, се затвораат засекогаш, и на местата кај што се наоѓале се градат луксузни куќи или бизнис простори.
Полскиот фотограф Јан Клос наскоро ќе отвори изложба „Водич за пабовите на источен Лондон во слики“. На фотографиите, направени како семејни портрети, на кои се вработените во пабовите низ источен Лондон, се прославува културата и заедницата на локалните пивопии.
На прашањето, како му дошла на Јан идејата да го започне овој проект, тој одговорил:
„Кога се доселив во Лондон од централна Англија долго време имав креативна блокада. Ме нервираше начинот на кој Лондон му се продава на туристите. Најголем дел од животот и историјата на градот се коцентрирани на неколкуте главни места во градот. Во исто време, во медиумите многу се зборуваше за џентрификацијата, особено на пабовите, кои се борат да ја сочуваат лиценцата. Решив да го насочам вниманието на овие места.
Зошто го избра само источниот Лондон, а не централниот дел на градот или традиционалните пабови во руралните делови?
Мислам дека источен Лондон е најинтересниот и најразновидниот дел на градот. Не сметам дека Лондон како град е нешто многу интересен и возбудлив, мислам дека нема многу душа. На пример, ако сте во близина на „Ливерпул стрит“, можете да посетите еден многу убав паб, но, за жал тој нема душа бидејќи е полн со банкари и бизнисмени. Од друга страна, многу ми беше тешко да најдам олд скул пабови со добра атмосфера, бидејќи таму главно одат луѓе што не сакаат да се експонираат.
Сопствениците на пабовите кои имаат постојана локална клиентела не се многу заинтересирани за привлекување на нови луѓе, тие имаат локални муштерии кои ретко се менуваат. Најмногу од трендовските пабови веднаш ќе сконтаат што сакам да постигнам со проектот, додека луѓето кои се веќе долго во овој бизнис беа прилично скептични: „Што сака сега овој? Зошто сака да не фотографира?“ Ќе продолжам да се обидувам. Ги сакам фотографиите од традиционалните пабови.
Зошто се одлучи за семеен портрет?
Го видов серијалот на германскиот фотограф Томас Страт, Family Life, кој се состои од фотогфрафии на портрети на семејства кои ги среќавал на своите патувања. И, како што пабовите се вториот дом за повеќето луѓе, сфатив дека има логика да се сликаат луѓето кои работат таму. Страт серијата на фотографии ја направил во осумдесеттите години кога немаше дигитални фото апарати. Тогаш требаше повеќе време и труд за да добиете совршена фотографија. Луѓето денес, во време на смартфони, не сакаат да седат подолго време за некој да ги слика за семеен портрет. Но, од друга страна, во истово ова време, нема семејство, па ни колеги од работа кои не сакаат да имаат заедничка фотографија.
Какви се британските пабови во споредба со полските?
Во Полска нема пабови. Јас не живеам таму веќе осум години, но додека растев во Краков, беа популарни андерграунд барови кои се отвораа доцна навечер. Во Велика Британија пабовите отвораат околу пладне. Во полските барови го нема препознатливиот мирис како во британските пабови.
Што мислиш за придонесот на уметниците како тебе околу џентрификацијата на пабовите.
Навистина не можам да се разбудам со чиста совест и сакам да верувам дека јас не сум дел од ова. Од друга страна пак, мислам дека сите сме дел од процесот на џентрификацијата. Станува збор за напредок, напредокот е невозможно да се запре. Излегувам на тренди места за да уживам во различноста, но пабовите и натаму се многу битни места кои би требало да ја одржуваат рамнотежата во Лондон. Од една страна, убаво е да се видат пивниците низ градот во кои се продаваат крафт пива. Но, од друга страна, тие не треба да бидат закана за традиционалните пабови. Исто како и со модата, трендовите доаѓаат и си одат, а некои по извесно време се враќаат. Но, мислам дека ако пабовите ги снема, нема толку лесно да се вратат.