Водата од Каховка носи експлозивни мини кон цивилите, излеани стотици тони моторно масло, угинати 300 животни во зоолошка крај Дњепар

Во водата што се излева од браната Нова Каховка пловат мини, предупреди украинската државна служба за вонредни состојби.

„Во никој случај не им приоѓајте на експлозивните предмети и не ги допирајте“, предупреди службата.

Истовремено, украинските власти соопштија и дека експлозијата на браната предизвикала и излевање на околу 150 тони моторно масло во реката, а постои закана од излевање на уште 300 тони.

Како што пренесуваат украинските медиуми, поплавена била и зоолошка градина „Казкова Диброва“, лоцирана на брегот на Дњепар. Како што соопштија од зоолошката, угинале сите 300 животни.

„Паркот беше миниран и беше невозможно да се евакуираат животните. Се обидовме да ги спасиме. Секој ден, под непријателски оган, двајца работници си ги ризикуваа животите за да одат во Диброва да ги нахранат животните. – Сега Русија уништи сè. Душата ни е растргната од болка“, соопшти претставник на зоолошката градина на Фејсбук.

Повеќе од 17.000 луѓе досега се евакуирани од поплавените подрачја, а повеќе од 40.000 луѓе се во опасност од поплави, изјави главниот украински обвинител Андриј Костин. Уште 25.000 луѓе треба да бидат евакуирани на страната на реката Дњепар која е окупирана од Русите.

Прочитајте и:  „Дејли мејл“: Севернокорејските војници во Русија прв пат со пристап до Интернет, го користат за... порно

Претходно денеска, беше соопштено дека нивото на водата (во реката Дњепар), по експлозијата на браната, пораснало за 5 метри. Тоа постојано се зголемува и се очекува да продолжи да расте и во следните 24 часа.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за оштетувањето на браната. Киев посочува дека Русите најмалку една година ја имаат контролата врз браната и дека таа била минирана одвнатре, бидејќи, како што тврди Киев, невозможно е да се предизвика тоа оштетување однадвор, на пример со гранатирање. Москва, пак, ја обвини Украина за саботажа на браната. Според Кремљ, целта е да се скрие, наводно, неуспехот на украинската контраофанзива во изминатите денови.

Извор: МИА

- Реклама -