Пишува Јане Димески (новинар и еколошки активист) за блогот во рамки на кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“
Скопје само во 2018 година од својот водовод изгубило 13.665 олимписки базени питка вода. Можете да си замислите како би изгледале илјадници базени наредени еден до друг? Ќе изгледаат како езеро, како море.
Крцка тревата во парковите. Сува е и потпукнува кога ќе ја нагазите. Како да одите по сено. Дрвјата покрај улиците се жолти како во доцна есен, а сликата е од септември. Нема заврнато три месеци. Сув е секој простор што не е опфатен со системите од прскалки кои ги има меѓу скопските станбени блокови. Вардар е значително намален. Населбите кои се на повисоко имаат рестрикции за вода во попладневните часови. Соседите се гледаат попреку ако тие што се поблиску до бунарите или до водоводот трошат многу и со тоа не оставаат за другите.
Од градската управа велат дека летово е суша каква немало подолго време и се штеди на водата. Затоа не се полеваат сите површини. Сега е 2019 година. Да се навикнеме на ова. Во следните години и декади ова ќе биде нормално. Вода ќе има помалку. Климата се менува во светот, па се менува и кај нас.
ШТО ВЕЛАТ НАШИТЕ НАУЧНИЦИ ЗА ПРОМЕНИТЕ НА КЛИМАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Според Вториот национален план за климатски промени од 2008 година, средната температура во Македонија ќе се зголеми за 1 степен целзиусов до 2025, за 1.9 степени целзиусови до 2050 и ќе продолжи да се зголемува до 2100 година. Летата ќе бидат уште потопли, а зимите поблаги. Летата ќе бидат со помалку врнежи. Врнежите низ годината нема да бидат распоредени како што беа до скоро. На пример, наместо да врне повеќе денови со помал интензитет, се очекува сега количината вода да паѓа одеднаш во поројни дождови, па потоа да има подолг период на суша. Тоа ќе донесе и почести поплави зашто земјата нема да може да ја впие водата. Како поплавата во Стајковци кај Скопје или поројот во Мала Речица и Шипковица на Шар Планина… Остатокот од текстот прочитајте го ТУКА.