Во Венецуела сé полошо: Луѓето купуваат расипано месо, лешевите скапуваат во мртовечниците

Економскиот колапс натера милиони жители на богатата со нафта Венецуела да ја напуштат земјата во последниве две години. Недостатокот од храна и основни добра, годините рецесија, високата инфлација и редовните прекини на електричната енергија се клучните причини за финансиската криза и емиграцијата на населението, пишува BBC.

Владата тврди дека главен виновник за таквата ситуација е „господарската војна“ која се води против социјалистичкиот претседател Николас Мадуро, но многумина во земјата, а и надвор од неа, го обвинуваат токму него и неговите политички потези, заедно со корупцијата и лошото управување.

Едно од најпогодените подрачја во земјата е Зулија, познато како центар на нафтената индустрија во земјата.

Прекини на електричната енергија

На многумина од меѓународните новинари не им е дозволено да известуваат од Венецуела, но новинарот на BBC – Владимир Ернандез сепак успева да пренесе добар дел од тамошната ситуација. Тој известува дека луѓето таму купуваат сало и маст за да можат да ги прехранат децата, а на пазарите се продава расипано говедско месо околу кое се собираат муви. Смрдеата е неподнослива, но луѓето во Венецуела немаат друг избор, тоа е единственото месо што можат да си го дозволат.

„Десет пати дневно имаме прекин во снабдувањето со електрична енергија. Овие прекини понекогаш траат и по неколку часа. Се разбира дека сé брзо се расипува и скапува“, објаснува еден од продавачите на венецуелските пазари за BBC.

Единствена форма на вентилација е дупки во ѕидовите

Во Зулија се случува жителите да останат без струја и по неколку дена. Марија Еугенија Тапија за BBC раскажува дека високите температури, од 35 до 40 Целзиусови, ги преживува единствено бидејќи ископала дупки во ѕидот, така доведувајќи барем малку свеж воздух во куќата. Таа, заедно со целата нејзина населба, е без струја веќе цели пет дена, вели за BBC.

Поради прекините во снабдувањето со електрична енергија, алармантен проблем имаат и мртовечниците во земјата. Телата понекогаш скапуваат сé додека не експлодираат, објаснува вработен во една од мртовечниците за BBC.

Фото/принтскрин: BBC

 

- Реклама -