Во Тетово собир за поддршка на палестинскиот народ и запирање на насилствата во Газа

Неколку стотини граѓани се собраа денеска на градскиот плоштад во Тетово да изразат поддршка на палестинскиот народ и да побараат да се прекине со оружените напади во Појасот Газа.

Граѓаните носеа транспаренти со натписи да прекине убивањето на деца, да се прекинат бомбардирањата и геноцидот во Газа, да се ослободи Палестина.

„Тука сме за да му се спротивставиме на актуелниот наратив каде што палестинските жртви имаат помала вредност од израелските жртви. Тука сме да ја споделиме со семејствата на жртвите еден дел од жалоста што тие ја чувствуваат. Тука сме за бебињата, децата, жените и другите жртви, кои во очите на многу политичари се колатерална штета за решавање на еден стар конфликт. Тука сме за да покажеме дека сме на страната на правдата и на вистинската страна на историјата, затоа што никој нема милост за историјата на агресивните криминалци“, истакна во обраќањето пред присутните Јетон Џеладини, во име на граѓанските иницијатива која го организираше собирот.

Тој прочита и повеќе пораки кои се упатени до повеќе страни.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

„За народот на Газа: знајте дека со вас стојат милиони луѓе, на кои им останало уште нешто живо од човечката природа. Знајте дека ние ја чувствуваме вашата болка и не ве забораваме никогаш во нашите молитви. Знајте дека после секоја тешкотија доаѓа леснотија. За владата на Израел: ако малку дејствувате според логиката и не според емоциите, радикалната и слепата фантазија, ќе видите дека низ историјата, секој агресор што се потрудил да ја дехуманизира жртвата, својот крај го имал на историските ѓубришта. За владите и политичките елити во нашите земји: како е можно да сте толку слепи и глуви за чувствата на нашиот народ и на вашиот електорат. Да се прескокнува сево ова и на крај да се кажуваат ставови што се во тотална спротивност со ова чувство“, порача Џеладини.

Во дел од пораките до светските влади беше речено да се преземат дејствија за да прекине масакрот врз невините граѓани. Граѓанската иницијатива порача медиумите објективно да известуваат за состојбите во Газа.

МИА

- Реклама -