Во Софија отворена меѓународна фото-изложба „Последните селани“ на Арто Поинт Гумно

Синоќа, во изложбениот салон на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, се отвори меѓународната фотоизложба „Последните селани“. Овој проект е реализација на АРТ ПОИНТ – ГУМНО од село Слоештица, Демир Хисар, и претставува моќно визуелно сведоштво за животот, тишината и исчезнувањето на македонските села.

Изложбата е дел од програмските активности на центарот, кој настојува да ги промовира македонските ликовни колонии и уметнички резиденции, важен сегмент на современото македонско културно творештво и меѓународната соработка во културата.

Во рамките на изложбата, прикажани се дела од автори од различни земји, меѓу кои САД, Чешка, Словачка, Грција и Мексико. Нивните фотографии, создадени за време на уметничките резиденции и колонии на АРТ ПОИНТ – ГУМНО, го документираат секојдневието, природата и населението од горно-демирхисарскиот регион.

На отворањето, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, истакна дека „Последните селани“ не е само фотографска поставка, туку и длабока човечка приказна за исчезнувањето на еден начин на живот, за празнењето на селата и за луѓето кои остануваат последни чувари на традицијата и идентитетот.

Пејковски нагласи дека оваа изложба е исклучително значајна бидејќи преку уметноста се отвораат важни прашања за културното наследство и зачувувањето на човечките вредности. „Фотографиите не се само визуелни записи, туку и силни сведоштва за животот на луѓето што остануваат верни на своите корени“, додаде тој.

Основачот на АРТ ПОИНТ – ГУМНО, познатиот македонски уметник Сергеј Андреевски, исто така се обрати, говорејќи за мисијата на центарот во Слоештица и за улогата на уметноста во зачувувањето на колективната меморија. Тој посочи дека АРТ ПОИНТ – ГУМНО е место каде што уметниците од целиот свет се среќаваат со автентичниот дух на македонското село и создаваат трајни сведоштва за природата и животот во руралните средини.

Прочитајте и:  „Претрес“ на Трифун Костовски: Нова партија, неуспешната Еуростандард банка, масонски врски и стари пресметки

„Слоештица не е само географска локација, туку и простор на сеќавања и човечки судбини. Овие фотографии се обид да се запази нешто што полека исчезнува. Токму во овие малечки и тивки места се крие суштината на нашиот идентитет“, додаде Андреевски.

На изложбата беа претставени и фотографии од американскиот фотограф Ероу Рос, кој во 2005 година создаде серија документарни фотографии во рамките на проектот „Приказна за лебот“. Неговите црно-бели портрети на локалното население привлекоа големо внимание од публиката, доловувајќи ја автентичноста на животот во македонското село.

Изложени беа и дела од чешката фотографка Јана Хунтрова, позната по своите публикации во престижното списание за природа, како и фотографии од професори и студенти од Либеречката школа за фотографија и графика. Нивните фотографии, создадени за време на престојот во Слоештица, ја раскажуваат приказната за природното и културното богатство на регионот, како и за неговото полетно исчезнување.

Специјален впечаток остави постерот „Слоештица во црно и бело“ на грчкиот фотограф Харис Савидес, кој со моќен визуелен израз создава атмосферa која тлее помеѓу минатото и сегашноста.

Обраќањата на присутните акцентираа на важноста на АРТ ПОИНТ – ГУМНО, здружение што веќе две децении работи во Слоештица. Целта им е да создадат културна амбасада на Македонија во светот, а локалните жители да бидат „херои“ и носители на живото наследство.

Изложбата „Последните селани“ повторно ја потврди силата на уметноста како чувар на меморијата и сведоштво за вредностите што современиот свет сè повеќе ги заборава. Преку фотографии на авторите, посетителите во Софија имаа можност да се соочат со длабоката, но силна приказна за времиња кои исчезнуваат и луѓето кои сè уште го чуваат духот на својата традиција.