Италијански научници кои го бараат черепот на аристократката Лиза Герардини, што му послужила како модел на Леонардо да Винчи при создавањето на неговото ремек дело “Мона Лиза”, успеале да пронајдат единствено колк, кој можеби е нејзиниот, соопштија светските агенции.
Коските биле пронајдени при ископувања во античкиот манастир во Фиренца, каде Герардини најверојатно е погребана. Разочарувањето е големо, бидејќи ископувањата завршија и се чини дека черепот исчезнал, а целта беше да се направи реконструкција на лицето, кое ќе се спореди со сликата на платното.
Герардини е родена во 1479 година. Таа се омажила за трговецот на свила од Фиренца, Франческо дел Џокондо. Во 1503 година тој го порачал прочуениот портрет, кој денес е изложен во музејот Лувр во Париз. Откако останала вдовица, Герардини се повлекла во манастир, каде две од нејзините ќерки биле калуѓерки. Лиза Герардини најверојатно била погребана токму таму во 1542 година. Во оваа напуштена зграда во центарот на Фиренца почнаа ископувања во 2011 година, кои дозволија да бидат откриени посмртните останки на 12 лица. Осум од скелетите се чуваат во добра состојба, но тие се премногу стари за да може едниот од нив да е на Герардини. Другите 4 скелети биле во заеднички гроб, користен до 1545 година. Се испоставило дека едниот од скелетите од кој останале само фрагменти од бедрената коска и глуждот, е на човек, кој живеел во исто време со Лиза Герардини.
„Комбинирањето на антрополошки студии со податоци од историски документи овозможува да се заклучи дека овие посмртни останки веројатно се на Лиза Герардини “, увери историчарот Силвано Винчети.
Оваа хипотеза сепак не може да биде потврдена со ДНК анализа, бидејќи посмртните останки на сопругот и неколку нејзини деца биле со векови во влажна средина. Како резултат останале само неколку заби, од кои се покажало невозможно да се извлече ДНК.
Прочитај повеќе: Мона Лиза на Леонардо Дикаприо