Европските земји активно ја разгледуваат опцијата на воведување на нови такси во авио-сообраќајот. Тоа значително би ги поскапело авио-картите.
Веќе со месеци во авио-индустријата се зборува за воведување на еколошки такси, а причината е големиот удел на комерцијалната авијација во загадувањето на животната средина, односно високата емисија на јаглероден диоксид (CO2) во атмосферата.
Според Меѓународната организација за цивилна авијација (ICAO), комерцијалниот авио-транспорт придонесува со 2% во вкупната емисија на стакленички гасови. Според невладината Climate Action Network, се работи за 5%.
Шведска веќе воведе дополнителна такса на керозинот, која моментално изнесува од 6 до 38 евра по авио-карта. Покрај тоа, во земјата сè повеќе замав зема феноменот на „срам од летање“ – еколошки свесните Швеѓани сè повеќе одбиваат да летаат и наместо тоа патуваат со воз или на други алтернативни начини.
Франција, од друга страна, ја разгледува можноста да ги укине сите домашни летови за релации до кои патување со воз би траело помалку од 5 часа.
Прашањето за загадувањето од комерцијалните летови Белгија и Холандија го покренаа на почетокот на годината, а се очекува тоа да биде една од темите на состанокот на Советот на министрите за сообраќај на Европската унија кој ќе се одржи во Луксембург.
И останатите земји од ЕУ внимателно ја следат ситуацијата.
„Постојат различни опции за такси за загадувачите и Франција смета дека прво треба да ги проучи со цел да се утврди кој систем е најдобар“, соопшти францускиот министер за сообраќај.
Засега политичарите ѝ даваат предност на таксата на керозинот, кој беше ослободен од сите такси уште од Конгресот на меѓународната цивилна авијација во Чикаго во 1944 година, кога најважно беше да се олесни развојот на авио-сообраќајот.
Според доверливиот извештај на Европската комисија, кој неодамна „протече“ во јавноста, се проценува дека такса од 330 евра на 1.000 литри керозин би довела до намалување на емисијата на CO2 за 11%. Во предлог законот, пак, пишува дека лет од Париз до Марсеј емитува 178 килограми CO2 по патник, додека истото патување со воз би генерирало само 4.14 килограми CO2 по патник.