Во новиот земјотрес во Турција најмалку тројца загинати и 213 повредени, во Сирија луѓе скокале од балконите

Во денешниот нов силен земјотрес што го зафати пограничниот регион меѓу Турција и Сирија, загинале три лица, а 213 се повредени од турска страна, додека во Сирија имало 42 повредени лица, соопшти вечерва турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Во Сирија, пак, луѓе скокале од прозорите за да се спасат – раскажува активистот Абдулјкафи Алхамдо за „Ал Џезира“, потенцирајќи дека иако вечерашните два земјотреса биле послаби и пократки (6.4 степени и 5.8 набрзо по него), луѓето се преплашени и ужаснати од претходната трагедија и никому не веруваат.

„Поради претходното искуство, луѓето се во паника, имаат траума, така што сите истрчаа надвор. Некои луѓе влетаа во несреќи бегајќи надвор. Некои дури и скокнаа од нивните балкони за да избегаат од земјотресот“, изјави Алхамдо за „Ал Џезира“.

„Луѓево овде не се безбедни. Тие не веруваат никому и во ништо, дури и ако нивните згради се многу силни“, додава тој.

Според Европскиот медитерански сеизмолошки завод (ЕМСЦ), епицентарот на новиот голем земјотрес од 6.4 степени според Рихтеровата скала бил на 14 километри југозападно од Антакије, на длабочина од 10 километри.

- Реклама -