Во малата југоисточна африканска нација на Малави, владее масовна хистерија. Гласините за вистински вампири што цицаат крв се толку проширени, што се формираат доброволни групи од ловци на вампири кои дури и убиваат луѓе зашто веруваат дека така ги заштитуваат нивните заедници.
Барем 9 наводни вампири се брутално убиени од септември наваму, меѓу кои и двајца во вториот најголем град во земјата, Блантајр (што значи дека не зборуваме само за рурални средини). Според полицијата, двајца биле каменувани, а еден бил жив запален (после испаднало дека е епилептичар, а не вампир). Полицијата има уапсено над 140 луѓе поврзани со групите што таргетираат и убиваат индивидуалци обвинети дека се вампири и дека цицале крв од невини.
Лидерите на Малави велат дека гласините/приказните за вампирите потекнуваат од соседен Мозамбик, каде стравот од вистински крвопии и порано има доведено до насилство. И Обединетите нации веруваат дека хистеријата е дојдена од зад границата.
Како што известува Daily Mail, меѓу тие што се мета на „ловците на вампири“ се и докторите и другите здравствени работници. Зошто? Зашто носат стетоскопи, кои ловциве ги сметаат за алат кој се користи за цицање крв… Докторските асоцијации потврдуваат дека е страшно ризично да си доктор во Малави: докторите ги ограбуваат, им ги уништуваат возилата, ги напаѓаат амбулантните возила кои пренесуваат пациенти до болниците и сл. Велат дека масовната хистерија „брише“ преку нацијата.
Претседателот на Докторската асоцијација на Малави – Амос Салиманда Нјака, во официјалното соопштение рече дека првичните изолирани инциденти биле резултат на „Shared Delusion Disorder“ – пореметување на групна делузија. Се јавува, како што објасни, кога доминантен поединец е под делузија, а тие што го следат до толку му веруваат што почнуваат и сами да ги добиваат неговите делузии.
Сепак, SSD обично е локална појава, а со оглед на тоа колкава е магнитудата на проблемот во многу области на земјата, овде дефинитивно се работи за случај на масовна хистерија, пишува Нјака.
Полицијата вели дека ги зголемила патролите и дека ќе биде уапсен секој кој за кој ќе се покаже дека учествувал во убиствата. Претседателот на Малави – Петер Мутарика, рече дека се работи за огромен проблем и со огромно значење за владата.
Како резултат на насилството на самоорганизираните групи ловци на вампири, Обединетите нации прогласија неколку зони за зони каде движењето не се препорачува (no-go zones). Ситуацијата е „нестабилна и запалива“, велат.
Вампирскиот лов не поминува ни без елементи на политика. Владејачката Демократска прогресивна партија ја обвинува опозициската конгресна партија дека стои зад гласините и насилството. Истовремено, во очи на претстојните локални избори, политички мотивираното насилство е сé почесто (во некои случаи се набедуваат политички противници дека се вампири).
Сепак, во основата на сето ова лудило е локалната култура – суеверијата, митовите и верувањето. Тоа најмногу ги загрижува поборниците за човечки права, бидејќи е длабоко врежано меѓу сиромашните, необразованите и рурални заедници, многу повеќе отколку меѓу политичките противници.
Нападите алармантно многу потсетуваат на големиот пораст на напади и убиства врз луѓето со албинизам, чии коски и делови од телото некои ги користат за црна магија, а други веруваат дека носат добра среќа, богатство (исто и цицањето крв), или заштита од лоши сили/магии, велат од ОН.
Малави е една од најсиромашните нации на светот, со низок образовен стандард, но и мал пристап до едукација. Верувањето во вештерство е широко распространето, а на разните потешкотии често им се припишуваат магични и суеверни објаснувања. Сличен случај на масовна хистерија во реонот имаше во 2002 година, кога еден човек беше убиен, а три католички свештеници нападнати поради гласина дека владата соработува со вампири за да собира човечка крв.