Во меѓувреме: Маж казнет со 3.000 евра зашто вербално нападнал полицајка

Маж што вербално нападнал полицајка стана првиот во Белгија кој е осуден според белгискиот закон кој криминализира сексизам на јавно место.

Бриселскиот криминален суд му додели казна од 3.000 евра, а ако не ја плати, ќе си лежи еден месец во затвор.

Законот против сексизам на јавно место во Белгија стапи на сила во 2014-та, по силната реакција на јавноста откако еден документарец ја прикажа вербалната тортура што жените секојдневно ја трпат по бриселските улици.

Според законот, за прекршок се смета секоја забелешка или акција што „има намера да изрази омаловажување“, да сугерира дека некој е инфериорен поради неговиот пол, или е дизајнирана „да сведе некого на неговата или нејзината сексуална димензија“. За правна постапка е квалификуван секој прекршок при што е „нарушен нечиј дигнитет“.

Според белгискиот весник Le Soir, инцидентот што доведе до првиот осуден според законот за сексизам се случил во јуни 2016-та година, кога мажот бил сопрен затоа што ги прекршувал правилата за возење на автопат. За време на апсењето, човекот ја навредил полицајката врз основа на нејзиниот пол.

Медиумите не соопштуваат како точно гласела навредата, но човекот е осуден за „сериозно нарушување на дигнитетот на лицето, поради нејзиниот пол“.

Гилс Блонду – портпарол на окружниот јавен обвинител, вели дека е честа појава приведените да ги навредуваат и да им се закануваат на полицајците. Но да се нападне полицајка врз основа на нејзиниот пол е нешто специјално. „Фино е што имавме прилика да го тестираме овој нов закон; случајот беше мошне конкретен и многу јасен, со многу сведоци“.

Сите сличности и разлики со случајот во кој македонска полицајка беше вербално нападната од функционер на ДУИ, а потоа и физички нападната од пајак – се случајни.

Guardian

- Реклама -