Во меѓувреме: Беса бара албански имиња за средните училишта во Тетово

И додека на министерскиот совет на ЕУ се кршеа копјата за датум за почеток на преговорите за членство во Унијата, а во македонско-бугарската комисија се кршеа копјата околу Гоце Делчев како почетна точка до тоа да признаеме дека сме Бугари, движењето Беса не застанува со работа. Вчера почна битка за преименување на средните училишта во Тетово, за што најави и иницијатива до општинскиот Совет, пренесе „Пресинг.тв“.

На вчерашниот прес, Хатије Етеми од Беса соопшти дека ќе бараат медицинското училиште „Никола Штејн“ да се преименува во „Ферид Мурад“, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во „Ѓон Бузуку“, земјоделското училиште „Моша Пијаде“ во „Реџеп Вока“, додека текстилното училиште „Ѓоце Стојчески“ да се именува во „Хасан Тахсини“. Со тоа, како што рече таа, сакале да ја сменат „оваа понижувачка реалност за нас како албанско мнозинство во општина Тетово“.

Етеми немала одговор на новинарското прашање зошто се оди на еднонационални имиња во град со мултиетнички карактер, но затоа ја критикувала ДУИ што во изминатите 15 години на власт не променила ниту едно и не направила ништо за да ги промени имињата на училиштата, плоштадите и булеварите и патиштата во албанските општини.

„Не се во можност да најдат меѓуетнички консензус за да преземат иницијативи за промена на имињата, а секогаш имаат консензус кога се работи за политички пазарања“, обвинила Етеми.

Според неа, не постои вистински момент што треба да се чека, туку тој е сега, а ако наидат на опструкции и потешкотии, предупреди, Беса ќе ги искористи сите правни механизми, вклучително и општинскиот референдум.

 

- Реклама -