Во Лондон казнуваат ако моторот ви работи во место

Властите во Лондон ќе забранат автомобили со активиран мотор кои не се движат, во центарот на градот, пишува весникот Evening Standard. Забраната ќе стапи во сила од 4 февруари 2017 година, а за прекршителите ќе биде наметната казна во износ од 80 фунти (92 евра).

Специјални единици ќе кружат низ улиците на градот и ќе ги снимаат регистарските броеви на паркираните автомобили, чии мотори работат повеќе од една минута во место. Забраната се однесува за возачите на автомобили, комбиња и автобуси, а санкција ќе следи по три опомени до сопственикот на возилото. Ако тој ја  плати казната во рок од 14 дена, износот ќе биде намален на половина. Новото правило е дел од новата програма за борба против загадување на животната средина, која предвидува во 2018 година во центарот на англиската престолнина да биде дозволен сообраќај само на возила на струја. Ќе можат да влегуваат и хибриди, кои сепак ќе имаат обврска да се придвижуваат само на електричен погон.

Во исто време властите во Осло забранија влез на дизел автомобили во центарот на градот. Причината е загадениот воздух, а забраната е во сила помеѓу 6 часот наутро и 22 часот навечер. Така норвешката престолнина се приклучи на Париз, Мадрид, Атина и Мексико сити, кои преземаат засега соодветни мерки, а во план е целосно запирање на возење на дизел автомобилите низ центарот на градот.

Автоплус

- Реклама -