Во Кочани залепени текстови и бугарски симболи на споменици и јавни места, општината со осуда

Општина Кочани, во писмен допис до јавноста, го осуди чинот на лепење фотографии со текст и бугарски обележја, откако такви изутринава се појавија на спомениците и на јавни места во централното градско подрачје.

„На повеќе објекти во градот се забележани вандалски постапки со лепење фотографии со текстови и со обележја на бугарски симболи. Општина Кочани најостро ги осудува ваквите постапки и бара од МВР-ОВР-ПС Кочани да ги прегледаат сите видеонадзори на околните објекти, да ги пронајдат сторителите и да преземат мерки согласно закон“, стои во дописот од Општината.

Налепници со натпис „Еден народ сме“, во комбинација со бугарско и македонско државно знаме, како и фотографии на кои е претставен орел аплициран на бугарско знаме, беа залепени на бистите на првоборците Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата, на столбови за јавно осветлување, како и на ѕидовите на јавни институции.

Од Одделението за внатрешни работи во Кочани информираа дека случајот е пријавен и евидентиран кај нив и ќе биде предаден на натамошна постапка.

МИА

- Реклама -