Заживува една древна јапонска традиција – ги оставаат старите да умрат

Денес бројот на Јапонците над 65-годишна возраст е поголем отколку кога и да било досега во историјата на земјата. Индикативно е што од 2011-та година се забележува поголема побарувачка на пелени за возрасни, отколку за деца. Во 2016-та година, старите лица сочинуваа 26.7% од вкупното јапонско население.

Пред многу векови, во Јапонија постоела традиција наречена убасуте, што во превод значи „откажување од старците“. Сиромашните луѓе кои не можеле да ги прехранат своите стари родители и роднини, ги носеле на планина и ги оставале во шумите да умрат од глад.

Денес, во 21-ви век, како резултат на економската ситуација и демографскиот проблем во Јапонија, традицијата убасуте повторно заживува. Се разбира, денес Јапонците не ги носат старите по планини, ама ги оставаат во болниците и добротворните установи, каде ги препуштаат „на судбината“.

„Има многу луѓе со мал или без приход, кои живеат во крајна беда, за кои грижата за немоќните старци е неподнослив товар“, вели социјалниот работник Таканори Фуџита. Од друга страна, како што истакнува тој, многу од овие луѓе сметаат дека е срамно да побараат помош.

Последнава деценија јапонската економија е соочена со сериозни предизвици. Многу од Јапонците се на возраст од 80, 90 и 100 години. Истовремено, наталитетот се намалува. Како резултат, постојано опаѓа процентот на работоспособно население кое плаќа даноци и осигурување. Една фраза на економистите добро ја опишува ситуацијата: „демографска темпирана бомба“.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот

Сето тоа води кон низа споредни ефекти. На пример, сé почести се случаите на смрт од преработеност т.е. „кароши“ – кога истоштени млади канцелариски работници умираат од инфаркт или мозочен удар на работното место, или се самоубиваат неможејќи да го поднесат емоционалниот и физичкиот товар.

Откажувањето од старите лица е уште еден од „споредните“ ефекти. Фуџита работи во префектурата Сајтама, каде годишно се регистирани околу 10 напуштени старци. На национално ниво, бројот се движи околу неколку стотици. Овие бројки можеби делуваат безначајно покрај фактот дека Јапонија има околу 127 милиони жители. Но, не сите напуштени стари лица се регистрирани. Од друга страна, дури и вака навидум мали, бројките покажуваат раст на модерното убасуте, како и малку надеж дека во блиска иднина тенденцијата ќе се промени. Напротив.

Дека ситуацијата е на пат да стане сериозна, зборуваат напорите на некои добротворни организации да спроведат пракса на „поцивилизирано“ напуштање на старите. Тоа го прават, меѓу другото, со поставување на специјални „кутии за возрасни“. Се работи за специјални локации, како оние за напуштени бебиња ширум Европа, каде Јапонците можат да го остават старото лице од кое сакаат да се ослободат (колку и да звучи сурово). Старците што ќе бидат оставени во „кутиите“ потоа се носат во локалните домови за старци, каде добротворните организации им обезбедуваат каква-таква грижа.

 

- Реклама -