Во сабота, на 30 ноември 2024 година во Гостивар, ќе се одржи свечен настан по повод 100-годишнината од раѓањето на народниот херој Панче Попоски. Програмата започнува во 10:15 часот, со полагање на свежо цвеќе во неговата чест, кое ќе се одржи во холот на Центарот на култура Асном. Потоа, настанот ќе продолжи во 10:30 часот во малата сала на установата.
Иницијативата за организирање на овој значаен настан доаѓа од членовите на семејството на Панче Попоски, во соработка со Сојузот на филателисти на Македонија, а е поддржана од Општина Гостивар. Настанот е отворен за јавноста и претставува можност за оддавање почит кон животот и делото на Панче Попоски.
Панче Попоски, роден во 1924 година во Гостивар, потекнувал од сиромашно семејство. Образованието го започнал во Гостивар, а гимназијата ја продолжил во Скопје и Ниш, каде што се вклучил во напредното младинско движење. Со враќањето во Гостивар, станал активен член на револуционерното движење и во 1942 година се приклучил на Комунистичката партија на Југославија, каде што активно учествувал во организирање на младинците за партизанските одреди.
Во 1943 година се приклучил на партизанските единици и се истакнал во борбите за одбрана на Дебрца, што го подигнало неговиот углед меѓу борците. Истата година, на Првиот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија, е избран за член на Главниот одбор на НОМСМ. Во 1944 година служел како заменик на политичкиот комесар на баталјон во Првата македонска бригада.
Загинал херојски на 20-годишна возраст во борбите за ослободување на Дебар во јули 1944 година. Во 1953 година е прогласен за народен херој на Југославија.