Во соседна Бугарија повторно е актуелен професорот Денко Малески, откако бугарската агенција БГНЕС, а со тоа и други медиуми, ја објави неговата колумна за „Плусинфо“ по повод „вклучувањето“ на делот за „погрешно толкување на историјата“ во заклучоците на ЕУ за Западен Балкан. Во колумната, Малески зборува за „шамарот“ (парафразираме) што македонските историчари, со таквата одлука, го добиле од ЕУ.
На крајот од текстот, пак, во кратката биографија за Денко Малески наведена по колумната, БГНЕС пишува:
„Коментар на Денко Малески, првиот министер за надворешни работи на независна Македонија. При појавата на спорот со Грција, Малески јавно повикуваше на негово брзо решавање. Оваа пролет, кога напиша дека сме еден народ и дека Гоце Делчев е Бугарин, тој беше подложен на јавен линч кој потсети на времињата по 1945 година, кога секој со различни мислење беше следен и анатемисан. Претседателот Стево Пендаровски веднаш го ослободи од должноста советник, поради ‘намалени буџетски средства’. Малески е професор по меѓународни односи на Универзитетот во Скопје“, вели агенцијата.
Што вели Малески?
„Како и нашата политичка мисла од почетокот на деведесеттите, во голема невоља е нашата историска мисла денес. Тогаш, во средбата со западната политичка мисла како кула од карти се сруши нашиот самоуправен бренд на социјализам правејќи ги безвредни делата напишани на тој наратив. Дилемата пред мнозина професори кои не беа доволно стари за да прогласат крај на своите кариери ниту доволно млади за да почнат нови, беше драматична. Нивното натамошно поведение зависеше од карактерот на луѓето: некои свртија нов лист и почнаа да учат од почеток, други решија само цинично да го фатат тактот на маршот на новата демократска парада во науката.
Со слична драма се соочува македонската историска мисла денес. Од некни, притисокот врз неа не е само од Софија туку и од Брисел. Ставањето на двата договора, Преспанскиот со Грција и оној за Добрососедтсво и соработка со Бугарија во текст предложен од Германија, со назнака дека се работи за ‘два крупни чекори кои би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешно толкување на историјата’ најавува турбулентни времиња не само за политичарите туку и за нашите историчари.
Наспроти јазикот на дипломатите кој теши дека се работи за сите земји на Балканот, алузијата од Брисел е јасна: се работи за нас. Дури би можело да се заклучи дека Унијата ни порачува дека исто онака како што не бевме во право кога ги поставивме темелите на нашиот идентитет и култура во античка Македонија, која нивната научна мисла ја смета за дел од светот на Хелените, сега не сме во право кога ја негираме заедничката историја со Бугарија. Повикот од претставниците на земјите членки на ЕУ кои, несомнено, консултирале и сопствени историчари за балканските историски јазли, е повик да го ускладиме нашиот историски и политички наратив со европскиот и светскиот. Не со бугарскиот како што мислиме ние. На потег се нашите историчари.
Што се однесува до политичарите, додека некои се во дилема како конструктивно да се постават кон тешкиот предизвик за земјата, други веќе почнаа да играат на ‘националната карта’ со Гоце, онака како што ја играа со Александар и ‘името’. ‘Национална карта’ која нѐ чинеше залудно потрошени триесет години од нашите животи во погрешна битка“, цитиран е Малески од БГНЕС.
Несреќната околност
Колумната на Малески беше објавена вчера, во ист ден со информацијата дека Чешка и Словачка, според некои дипломатски извори од Брисел – и со поддршка на Австрија, ги блокираа заклучоците на ЕУ за Западен Балкан во кои Бугарија издејствува да биде вметната фразата „погрешно толкување на историјата“, за која пишува (да не речеме „ликува“) Малески. Несреќната околност за Малески беше што негова колумна излезе откако веќе беше објавена веста за бурниот ден во Брисел.
Несреќната околност за нас, меѓутоа, е тоа што тој факт не ја спречи бугарската БГНЕС истата да ја објави релативно доцна вечерта.
Се чини, во соседна Бугарија не се толку загрижени што колумната за „испратената порака до македонските историчари“ уште необјавена „падна во вода“ (иако и без тоа се знае дека вметнувањето на фразата во заклучоците е само поради обидот да ѝ се удоволи на Бугарија), туку многу повеќе се загрижени да не пропуштат да објават нешто што им оди во прилог на бугарските преговарачи и понатамошните навреди кон македонската страна – било во комисијата, било од оваа страна на границата.