Во Британија: Порно сајтовите ќе бараат доказ за полнолетство

Од следната година, за жителите на Велика Британија нема да биде доволно само да кликнат на фамозното „I’m 18+“ за да добијат пристап до содржините на порно сајтовите. Ќе мораат да го докажуваат своето полнолетство, соопштија британските власти.

Од април, порнографските сајтови ќе мораат да докажат дека им го блокираат пристапот на малолетниците, што значи дека веројатно ќе бараат некаква форма на потврда за полнолетство од своите корисници. Една од формите на потврда би можеле да бидат кредитните картички, на пример. Регулаторите, пак, ќе имаат право да ги казнуваат сајтовите кои нема да ја почитуваат наредбата.

Националното друштво за спречување на суровост кон децата соопшти (и тврди) дека со оваа мерка ќе се заштитат младите и нивната фантазија. Критичарите, пак, потенцираат дека на тој начин ќе им се овозможи на порно сајтовите да собираат приватни информации за корисниците и нивните „порнографски навики“. А да не зборуваме дека тоа ќе биде одлична мета за хакерите, особено во комбинација со информациите од кредитните картички.

Ете го уште еднаш – глупото наметнато правило дека мораш да ја трампаш твојата приватност/слобода за оваа или онаа добра кауза, кога во суштина за возврат добиваш само делумно, па ни такво решение. Децата пак ќе гледаат порно. Во ред, можеби ќе треба да ги украдат кредитните картички на родителите на момент за да докажат полнолетство, или ќе треба да симнуваат порно преку торенти. Ама порно ќе гледаат. На мал милион други начини.

- Реклама -