Шамарчињата и плескањето по газ е на чекор да стане илегално во Британија. И Велс и Шкотска веќе некое време планираа промени во законот, кои наскоро многу веројатно ќе стапат и во сила. Не само што родителите ќе треба да бидат многу повнимателни околу тоа како ги казнуваат децата, туку особено ќе треба да бидат внимателни кога ќе патуваат низ Британија.
Во моментов, низ цела Британија е забрането да удриш дете, но тоа не важи за родителите – како такви, тие имаат легална одбрана во таков случај. Но ако Велс и Шкотска ги воведат промените, Англија ќе остане единствената што сé уште им го овозможува тоа право на родителите… Што, во отсуство на попрецизна регулатива, ќе значи дека Англичанец ќе може правно да настрада ако си го удри детето додека е во Велс или Шкотска.
Но што е со самата идеја? Треба ли да им се забрани на родителите да си ги удираат децата, онака, за памет? Според Huw Irranca-Davies – велшкиот Министер за деца, за „физичкото казнување на децата нема место во модерно и прогресивно општество“.
Според секцијата 58 од Детскиот Акт од 2004-та, пак, родителите и легалните старатели во Англија треба да имаат право на „разумно казнување“, но што точно се подразбира под тоа е слабо дефинирано и се проценува според секој поединечен случај.
Од друга страна, целосно е нелегално за наставниците, медицинските сестри и негователките во градинка да удираат деца. Бебиситерките смеат, ама само со дозвола на родителите. Тешките форми на удирање, се разбира, се забранети. Овде спаѓа нанесување на реални физички повреди, но и од тоа да му оставите на детето модрица или белег, па до тоа да го тепате со каиш или сукало (или било каков стап).