Во 2023 година глобалните капацитети на електрани на јаглен на историски максимум

Во најновиот извештај на „Глобал енерџи монитор“ (Global energy monitor) се наведува дека глобалните капацитети на електраните на јаглен во 2023 година забележале раст од два отсто и се на историскиот максимум.

За таквата ситуација придонесе Кина со изградба на нови капацитети. Кина минатата година додала 47 гигавати нови производствени капацитети на јаглен, што претставува 66 отсто од вкупниот број на нови капацитети.

На второ и трето место се Индија и Индонезија, кои исто така отвориле нови капацитети за јаглен.

Во извештајот се посочува дека минатата година забави затворањето на електраните на јаглен ширум светот.

Минатата година биле пуштени во употреба 69,5 гигавати електрани на јаглен, додека 21,1 гигавати биле затворени. Според извештајот, глобалниот капацитет на електраните на јаглен минатата година се зголеми за 48,4 гигавати на вкупно 2.130 гигавати.

Прочитајте и:  Просечната температура во 2024 година ќе го надмине прагот од 1.5 степени

Резултатите од 2023 година се аномалија, бидејќи сите показатели укажуваат на спротивен тренд, изјави директорката на програмата за јаглен на „Глобал енерџи монитор“, Флора Шампеноа.

Таа додаде дека е потребно побрзо затворање на електраните на јаглен и да не се градат нови капацитети.

Во спротивно, можеме да заборавиме на исполнувањето на нашите цели од Парискиот договор за климата, нагласи Шампеноа.

- Реклама -