Внукот на Хитлер кој се бореше против нацистите во Втора светска војна

Конспираси теориите велат дека Хитлер ја преживеал Втора светска војна и избегал во Аргентина или Бразил, каде дочекал длабока старост. Глупости. Хитлер избегал во Њујорк Сити. Таму се придружил на американската морнарица, па се оженил, имал деца, и умрел во доцните 1980-ти. Дури можете да му го посетите и гробот, во Корам, Њујорк. Додуша овој не е Хитлер-Хитлер, туку негов внук.

Вилијам Вили Патрик Хитлер бил роден на 12 март 1911 година, како син на Алоис Хитлер Џуниор (полубрат на Адолф) и неговата прва жена – Бриџит Доулинг. За разлика од неговиот познат чичко, Вили бил роден во Ливерпул, и следствено, бил Британец.

Алоис живеел во Даблин, Ирска. Со Бриџит се земале во Лондон, па се преселиле во Ливерпул во 1911 година. Според Бриџит, Адолф Хитлер всушност едно време дури и живеел во нивниот дом на 102 Upper Stanhope, во периодот од ноември 1912 до април 1913-та година.

Не затоа што германскиот канцелар бил шворц. Според неа, Адолф се преселил кај нив за да избегне да го регрутираат во војска во Австрија. Како и да е, денес куќата ја нема. Била уништена во бомбардирањето на Ливерпул на 10-ти јануари 1942 година.

Документов од 1911 година покажува дека Алоис (полубратот) работел како главен келнер во извесно “Lyons Café” – бизнис во сопственост на Евреи. Постојат сомнежи дека и Адолф работел таму, помогнат од неговиот брат. Се поставува и прашањето дали можеби и Алоис го делел неговиот антисемитизам. Како и да е, во 1914 година, Алоис го напуштил семејството и се вратил во Германија каде што се преженил.

Вили, синот, го посетил татко му во Германија дури во 1929 година, кога имал 18 години. Тогаш за прв пат ги обновил врските со чичко му Адолф, бидејќи нема докази дека во меѓувреме Адолф бил во Британија. Следните две години, Вили ги поминал живеејќи наизменично во Британија и Германија, сé до 1931 година, кога нештата се смениле.

Ѕвездата на Адолф почнувала да сјае во Германија, а Вили ситуацијата ја опишувал во своите статии кои ги испраќал до британскиот прес. Тоа на Адолф не му се допаѓало, па го повикал Вили во Берлин и му наредил да престане. Вили се согласил и се вратил дома во Британија.

Алоис Хитлер

А таму, поради своите статии, Вили веќе имал стекнато одредена слава и луѓето знаеле чиј внук е. Тоа му се удрило од глава во 1932-та, кога политичката кариера на Адолф доживувала уште поголем подем. Вили бил отпуштен од работа и никој во Британија не сакал да го вработи. Неможејќи да најде работа, се вратил во Германија за да бара помош од чичко му.

Адолф бил суров во одговорот: Дека не станал германски канцелар за себични цели и доброто на својата фамилија, и дека нема да дозволи никој да се „шлепа“ на негов грб.

Бриџит Даулинг, мајката на Вили, на бирото на американската хуманитарна организација која им испраќаше помош на британските жители во раните години од Втората светска војна.

Вили пак се вратил во Британија, но со заострувањето на односите меѓу Британија и Германија, можноста дека некој ќе вработи човек со презиме Хитлер била уште помала. Во очај, пак се вратил во Германија во октомври 1932 година, каде Адолф му понудил висока позиција ако се откаже од британското државјанство. Вили одбил.

Наместо тоа, му се заканил со уцена – дека ќе ја објави старата семејна гласина: дека Адолф е нелегитимен син на Леополд Франкенбергер – еврејски трговец. Тоа не поминало добро.

Како одговор, Адолф ги прекинал и негирал сите врски со тоа семејство. Алоис, свесен каде води ситуацијата, го натерал Вили да се врати во Британија, за негова лична безбедност.

Дотогаш британско-германските односи биле многу полоши, па немало ни теоретска надеж дека Вили ќе најде работа, особено што тврдоглаво одбивал да го смени презимето. Сепак, очајот го натерал пак да се врати во Германија во октомври 1933 и да се смири со чичко му. Адолф му дал пари за да се издржува додека не најде работа.

Вили се вработил во банка, но во 1935 дал отказ бидејќи платите биле премали. Тогаш се вработил во фабриката за автомобили на Opel Automotive, но бил спречен да ѝ прати пари на мајка му во Британија, бидејќи Германија не дозволувала пари да бидат изнесувани од земјата. Следната година Вили добил отказ, наводно поради кражба на автомобили.

На 4 јули 1939 година, Вили напишал статија со наслов „Зошто го мразам чичко ми“. Во неа тврдел дека иако обвиненијата за „кражбата“ биле отфрлени, оттогаш се следи секој негов чекор. Излегувањето на статијата резултирало со една последна средба со Адолф, на која фирерот бил бесен и го нарекол „тотален неуспех“.

Во 1936 година Вили се враќа во Британија, и повторно не може да најде работа. Пробува да се приклучи во војска, но со оглед дека цела Британија знае кој му е чичко, војската одбива да го прифати во своите редови.

Чиј внук е Вили знаел и американскиот издавач Вилијам Рендолф Хирст. Тој го поканил него и неговата мајка да говорат на тура низ Америка. Таму стигнале во 1939 година, непосредно пред да избие Втората светска војна во Европа. Со самата војна, останале ‘заглавени’ во Америка.

Желен да докаже дека не е нималку како чичко му, Вили се обидел да се приклучи на американската армија.

Легендата вели дека отишол до најблискиот регрутен пункт и се претставил како внук на Хитлер. Офицерот му одговорил: „Мило ми е што те гледам, Хитлер. Јас сум Хес“. Само што, офицерот се шегувал, реферирајќи на Рудолф Хес – заменикот фирер на Адолф Хитлер, а Вили навистина бил „внукот на Хитлер“. Нормално, и таму го одбиле.

Тоа „НЕ“ не било многу значајно, со оглед дека во тој период Американците сé уште биле цврсто решени да не се мешаат во „европскиот хаос“. Се разбира, тоа ќе се промени во декември 1941 година, кога Јапонците ќе го бомбардираат Перл Харбор, приморувајќи ги САД да се вклучат во војната.

Следната година Вили му пишал директно на претседателот Френклин Рузвелт, барајќи дозвола да се приклучи во војската. Рузвелт го задолжил Џон Едгар Хувер – директорот на ФБИ, да го разгледа случајот. Тој потврдил дека Вили е „чист“, и конечно…

Вилијам Вили Хитлер се дава заклетва при приклучувањето во американската морнарица

На 6 март 1944 година, американската морнарица добива член со презиме Хитлер, на позиција „Pharmacist’s Mate“ (помошник на медицинскиот офицер). Во војната Вили ќе биде погоден од шрапнел и во 1947 година ќе биде повлечен од служба. Ќе му биде врачен медал Purple Heart.

Дотогаш, целиот свет знаеше за Холокаустот и сите други злодела на Адолф Хитлер. Соочен со сиот тој притисок, Вили конечно го менува своето презиме во Стјуарт-Хјустон. Потоа ќе се ожени, ќе има четири синови, и ќе отвори мал бизнис на Лонг Ајленд во Њујорк, каде што ќе почине во јули 1987 година.

Што се однесува до неговите синови, наводно направиле договор дека нема да ја продолжат Хитлеровата лоза со тоа што никогаш нема да се венчаат или да имаат деца. Алекс, најстариот, ги одрече таквите гласини.

Во 2014-та, во подрумот на мајка му, најден е дневникот на Вили. Уште не е објавен. Што се однесува до неговиот гроб, ќе мора да го барате под името Стјуарт-Хјустон.

- Реклама -