ВМРО-Народна: Да се подигне споменик на Велимир Прелиќ – големиот хуманист и заштитник на Македонците кој бил убиен од Мара Бунева

Да се подигне споменик на „големиот хуманист и заштитник на Македонците – Велимир Прелиќ“, предлагаат од ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски, по повод годишнината од атентатот врз него извршен во 1928 година од страна на (контроверзната) тетовчанката Мара Бунева.

„На денешен ден, 13 јануари од страна на ‘пробугарската’ платеничка, тетовчанката Мара Бунева, беше убиен Велимир Прелиќ – голем хуманист, почитувач и заштитник на Македонците. Господинот Велимир Прелиќ беше испратен од страна на кралот Александар Караѓорѓевиќ да го заштити македонскиот национален идентитет и да го прошири македонскиот јазик во училиштата. Велимир Прелиќ исто така потсетува за ‘убавото време на Македонија’ меѓу двете светски војни, како што е запишано во целата наша историографија, на големите слободи и хармонија во која се живееше во истиот цел тој период, сѐ додека таа македонска еманципација не ја прекинаа бугарските окупатори“, велат од ВМРО-Народна во крајно саркастичното соопштение.

„ВМРО-Народна партија предлага да се подигне споменик на Велимир Прелиќ, на овој познат миротворец, затоа што семето кој тој го има посадено во Македонија очигледно фатило цврста почва, па затоа денеска ние се чувствуваме повеќе како наследници на неговото, отколку на делото на сите негови жртви“, додаваат од партијата, за човекот кој беше српски полициски началник во Скопје за време на српската окупација на Вардарска Македонија, по чија наредба биле убивани и жестоко измачувани голем број членови или осомничени за поврзаност со тогашното ВМРО.

- Реклама -