„За сите постапувања на судот и обвинителството одговори треба да се побараат во судството и владата на Ковачевски и неговите сопартијци кои градеа кариери на овој случај, како и од Ахмети и ДУИ кои се активни партиципиенти во истата влада и ја споделуваат одговорноста за корумпираното судство“, е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за одлуката на Апелација да ја укине првостепената пресуда и да го врати предметот „Таргет-Тврдина“ на повторно судење.
„Едно е сигурно и очигледно во Македонија, а тоа е дека клиентелизмот, корумпираното судство и обвинителство преполно со кадрите на ДУИ и СДС – за што можевме да се увериме и во претходниот период со последните кадровски решенија во ОЈО, Судскиот совет и Академијата за судии и обвинители, каде од партиски штабови седнуваат во професионални институции – говори за тоа дека правосудниот систем во државата е клекнат на колена“, се вели во реакцијата.
Во Македонија нема случај каде победила правдата до крај, а вистината е дека правосудниот апарат се користи за политичка пресметка и заштита на политички интереси на власта, додаваат од најголемата опозициска партија.