ВМРО-ДПМНЕ утре во 14ч повторно на протест, еден час со автомобили ќе блокира улици

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со протестите, а ќе блокира и улици, најави генералниот секретар на партијата – Игор Јанушев, на денешната прес-конференција.

Како што соопшти, ВМРО-ДПМНЕ и утре ќе протестира пред Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), но овојпат со автомобили и со блокирање на раскрсницата и пристапните улици околу РКЕ во времетраење од 1 час, а со почеток во 14 часот. Протестот ќе започне пред Палома Бјанка.

„Поскапувањето на струјата значи бизнис за СДСМ. Мафијата си продолжува со профит. Мафијата продолжува со бизниси. Овој протест е насочен кон владата и Мафијата. Поскапата струја значи посиромашен народ“, порача Јанушев, откако претходно ги обвини владата и Зоран Заев за молк за барањата на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на претходната цена на струјата, професионализација на РКЕ и оставка на, според нив, партиските инсталации во Комисијата, на чело со претседателот Марко Беслимоски.

На прес-конференцијата, Јанушев презентираше и документ според кој бизнисменот Силјан Мицески, кого го нарече финансиер на СДСМ, склучил договор со РЕК Битола вреден 6.25 милиони евра:

„Вчера бизнисменот Силјан Мицески јавно кажа дека бил финансиер на СДСМ. Тоа никаде го нема во финансискиот извештај на СДСМ. Но затоа истиот ден кога тоа го кажа се појави овој документ.

Ова е Договор за коп на јаглен со РЕК Битола вреден 6 милиони и 250 илјади евра. Значи, финансиерот на СДСМ кој сам си кажува дека ги финансирал, а притоа никаде го нема тоа во извештајот на партијата, си добил работа од 6 милиони 250 илјади евра од РЕК Битола за ископ на јаглен“, рече Јанушев, приложувајќи го случајот како доказ дека поскапувањето на струјата значи бизнис за СДСМ.

 

- Реклама -